Ќе покажат ли малите партии дека пораснале?

Дали составот на Парламентот е реална слика за расположението на граѓаните во Македонија? Колку многу гласови и идеи на граѓаните се оставени пред портите на скапото здание, само затоa што имаме изборен модел кој форсира успех само за најголемите?

Ова се прашања кои со години се избегнуваа да се разрешат. Македонија – една изборна единица е желба на секој кој сака разноликост, еднаквост и вистински Парламент каде се вкрстуваат потребите и идеите на поголем дел од населението. Сега гледаме дека и малите партии кои се во парламентот станаа поконкретни со поднесување на Предлог закон за измена на Изборниот закон. Дали конечно можат да покажат дека пораснале?

Шансата е тука, но…

За да покажат дека овојпат се сериозни, дека созреале и дека се надраснале самите себе не треба да застанат тука. Демек „ја покренавме иницијативата и нашето заврши, ќе чекаме „големите” да се смилуваат”. Епа, големите никогаш нема да се смилуваат, затоа што тоа не им одговара, треба да ги натерате да бидат подемократични и да мислат повеќе на сите во Македонија.

Затоа излезете од својата комфорна зона, тргнете се од топлото здолниште на своите поголеми партнери и покажете дека работите за јавниот интерес, за граѓаните и за демократијата.

Во моментов, вашите петнаесетина пратеници се моќта во државата. Тоа го знаат и СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, тоа го гледа и јавноста, но дали вие сте свесни за тоа, односно, дали ви одговара да сте свесни.

Вашите пратеници имаат можност сега да го истуркаат тоа за што се бориме десетина години, но затоа треба цврсто да застанете зад својот предлог, без отстапки. Македонија – една изборна единица – ВЕДНАШ!

Немојте како до сега со помпезна најава, а млака акција. Ќе најавите, а потоа  „големиот” партнер ќе ве задоволи со некоја ситна позиција во извршната власт и со по некое вработување на свои блиски роднини или сопартијци, па ќе се смирите со оправдување дека не е време сега за тоа.

Како долгогодишен поборник на оваа идеја, се радувам на новата иницијатива и давам поддршка. Затоа што помалите партии се вистинските коректори на власта, креатори на демократијата, а со една изборна единица и со шаренолкик парламент, со јаки личности, ќе добијат уште поголемо значење. Затоа сега терајте до крај. Зборете во Парламентот, па ако треба и најавете блокирање на работата на Собранието и Владата. Тоа го прават другите – поголемите партии и за многу поневажни работи за Македонија. А не, како пред некој ден Павле Трајанов раскажува во интервју дека Владата нема капацитет да се справи со корупцијата, а утредента гласа за поддршка на истата таа Влада.

Едноставно, терајте ја работата до крај овој пат!

А кога веќе се отвора изборното прашање, дајте нека се решат и другите недоречени или од пракса покажани работи дека не се функционални при, или од, локалните избори:

Прво, намалување на бројот на членови на општинските совети. Мали и ефикасни совети, наместо досегашните пренатрупани, прескапи и нефункционални, само ќе ја подобрат работата во општините.

Второ, еден изборен круг и при гласањето за градоначалник. Па кој победи – победи! Помалку потрошени пари од буџетот за организирање на втор изборен круг, реални резултати и отсликување на вољата на гласачите, спречување на коруптивно дејства меѓу двата круга со подарување и купување на гласови…  Па и при атлетските трки има едно финале, нема две. И во фудбалската Лига на шампиони има едно финале, а не две.

Заев вели дека бил за заедништво, а така вели и Мицковски, епа еве нека тргнат кон тоа со решавање на изборните недоречености и слабости. А малите партии овој пат нека не покажуваат слабост како до сега!