Home КОЛУМНИ Вчера возев низ Македонија, денес страв ме фаќа од дома да излезам

Вчера возев низ Македонија, денес страв ме фаќа од дома да излезам

0

Колумна на Никола Тасев:

Секоја среда наутро морам да пратам колумна во „Скопско Eхо“. Деновиве некако не ми доаѓаше тема. Не дека нема за што да се пишува – има дури и премногу, ама не бев сигурен дали ќе ја одберам најдобрата. И вчера одлучив да се провозам, да се издувам, малку да размислам…

Пуштив радио, слушам спортски вести: македонската фудбалска репрезентација се подготвува за настап на Светското првенство. Им кажале дека се потребни висински подготовки, па селекторот Груби ги качил на шести кат во неговата канцеларија. Таму тренираат. Убаво решение…

Така заслушан вести, фатив накај Кале, кога од лева страна гледам огромен комплекс и гужва од автомобили и луѓе на влезот. Подзастанав да прочитам што пишува. Кога таму извезено: Нов Клинички Центар. Опаа, го изградиле значи! Застанав, отварам телефон да прочитам што се случило, ми се појавува премиерот со спонзорирано видео на Фејсбук, објаснува дека ветувањето на неговата партија за изградба на Клинички е исполнето. Ме обли пријатно чувство…

Додека читав, интересен автомобил ми го привлече вниманието. Ваков модерен дизајн се уште не сум видел. Се подзагледав, читам – електричен, гледам на вратите напишано – тест возило од тетовската фабрика. Абе овие нашите се, електичните, леле – пак се израдував. Продолжив да возам накај Центар – гледам уште еден ист автомобил, само друга боја. На семафор уште два. Не можев да издржам од радост и љубопитност пак застанав на паркинг, да прочитам што се случува. Отворам телефон и пак премиерот со спонзорирана објава: Се исплати помошта од владата во износ од 130 милиона евра, оти веќе половина од Македонците ги возат електричните тетовски возила, а Македонија (да бидам искрен тој рече „нашата земја“) стана лидер во регионот по извоз на автомобили. Владата ги субвенционира граѓаните со по 6.000 евра по возило, а новите хидроцентрали Чебрен и Галиште работат само за обезбедување на струја за е-автомобилите…“

Возбуден, со убавина на душата, помислувам: види, види, не само фабриката за електрични возила, туку и ветените хидроцентрали се изградени. Се вртам на паркингот – целиот нареден со полначи за автомобили. Вдишувам, воздухот убав, чист… Аууу, па Скопје не е веќе загадено. Не мора функционерите за викенди да бегаат по викендици, како Шилегов, кога беше градоначалник се криеше за викенди во Маврово и од таму ги убедуваше скопјани дека воздухот во Градот не е загаден, да не се секираат.

Тргнав да возам, нели треба да размислам што да пишувам во новата колумна. Гледам билборд со најава: „Најнов изум на македонскиот иноватор З.З. – Сидро што влече напред – промоција денес во Охрид“. Ауу, тоа морам да го видам! „Пун гас“ и за Охрид. Ама се разочарав кога сфатив дека ќе се измалтретирам по кривините. Застанав и си реков подобро е да прочитам нешто повеќе за изумот, отколку да изгубам цел ден до Охрид. Отварам телефон и пак премиерот. Пак тој објаснува, пак во спонзорирана објава: Македонија (да бидам искрен и овде кажа „нашата земја“) од денес е прва во светот на листата иноваторски држави. Нашиот изумител З.З. со неговото „Сидро што влече напред“ ја освои Нобеловата награда, а светските бродски компании се натпреваруваат кој прв да го купи изумот. И тоа не е се… на денешната промоција во Охрид ќе можете да дојдете по новиот автопат…“ Збореше уште нешто, ама не го дослушав. Запнав за Охрид, гледам после Кичево се уште луѓето се веселат со зурли и тапани играат оро, славејќи го новиот автопат. Но, тоа ми беше веќе видена слика од порано, кога на ист начин се пуштаа во употреба тунели и патарини. Она што ми го привлече вниманието се многу нови фабрики и идустриски капацитети лево и десно од автопатот. А имаше и згради на кои немаше оџаци. Не беа фабрики, ама на нив имаше табли: Гугл, Фејсбук, Мајкрософт… Не отворив овојпат телефон да прочитам што е ова, оти знам дека пак ќе се појавеше премиерот.

Во Охрид, убава беше промоцијата, гости од цел свет. Ме изненади што имаше и многу Бугари. Тоа ме потсети дека одамна не сум бил накај Софија. Морав да го отворам пак телефонот за да видам како е најдобро да се патува. И морам ли да повторувам – пак премиерот со негова нова спонзорирана објава: кон братска Бугарија можете да патувате на три начини – со автомобил по новиот автопат, со воз по новоизградената железницата или со авион.

И ова го изградиле. Браво! Сакав да проверувам дали е конечно завршена реконструкцијата на 4 километри автопат кај Катланово што трае веќе 3 години, ама се откажав од таа идеја. Прво, затоа што сум сигурен сум дека и тоа е исполнето и второ, веќе ми стана страв оти пак ќе се појави премиерот со некоја нова спонзорирана објава. Човекот како да ми живее во мојот телефон, исто како онаа Сири од Ајфоните. Да се прашаш дури дали човеков работи нешто или само плаќа спонзорирани објави. Сигурен сум дека троши минимум по 250 долари на ден. За успешната слика да биде комплетна, останува уште да го видам како купува леб и млеко и за тоа да се фали по медиуми. Оти не е мала работа денес на народот да му овозможиш да може да си купи леб и млеко. Тоа е голем успех на една власт.

И така изгубив цел ден, ама многу убавини ми се направија. Еве и колумна си напишав утрово. Ама имам еден страв, да возам ли и денеска низ Македонија или дома да си останам. Не можам да издржам од толку убавини. А страв ми е и мобилниот да го отворам, може веќе и апликација со премиерот да ми ставиле на екран.