Home КОЛУМНИ За доброто и во Македонија да стаса – треба на избори да се гласа

За доброто и во Македонија да стаса – треба на избори да се гласа

0

Случајно вчера го сретнав Миле, другар од средно. Уште оддалеку ми подвикнува: „Те гледам по телевизии и весници, кажуваш нешто таму за изборите. Јас да ти кажам порано гласав, ама сега сум ептен разочаран од состојбата во Македонија и нема да гласам. Уништија се и не сакам во тоа веќе да учествувам. А ти џабе збориш, оти сите се исти политичарите…“

„Чекај бре Миле, му велам, не е така. Баш оти си разочаран треба да гласаш, за да не дозволиш и понатаму тие што те разочарувале да владеат. И да знаеш со негласање ти повеќе учествуваш во уништувањето на земјата, бидејќи оставаш за тебе да одлучат други. Ако мислиш дека со гласањето нема ништо да промениш не си во право, затоа што и твојот глас на денот на изборите има еднаква вредност со гласот на некој политичар или функционер кој досега одлучувал за тебе. Сега ти имаш можност директно да одлучиш за себе. Оти со излегувањето на избори ќе имаш можност да покажеш дека си незадоволен, дека ти е преку глава од лажни ветувања, измами и корупција и дека нема да дозволиш никој во твое име да одлучува за иднината на твоите деца. Оти без разлика што досега имаш само огорчување, незадоволство и бес кон властите, ти Миле и сите што размислуваат како тебе имате една заедничка работа – сите си ја сакате Македонија, сите сакате таа да биде успешна, економски силна, горда, независна и стабилна. Е мој Миле, затоа треба да излезеш на гласање. За децата да ти живеат во таква држава. Така воедно ќе си бидеш чист пред себе и пред своите деца дека си се обидел, си кренал глас против функционерите кои ја злоупотребуваат државата и што коленичат пред секој однадвор, распродавајќи ја националната гордост.“

Ме слушаше Миле внимателно, па затоа продолжив да му објаснувам зошто е битно што повеќе луѓе да се појават на избирачките места. И тоа уште сега на првиот круг од претседателските избори, како претпремиера на она што треба да се случува на 8 мај на парламентарните избори.

Оти со излегувањето на изборите ќе покажеме дека сакаме светла и позитивна иднина на својот народ, на нашите деца и на нашата Македонија. Затоа што таа е и наша исто колку што е и нивна, без разлика што тие што ја уништуваат се однесуваат кон државата како да им е приватна сопственост, а ние да сме нивни наемни работници.

Овие избори треба да ги гледаме и како трет Илинден оти “врвка е работата“. Македонија веќе нема луксуз да и се распродава националната гордост, државата да тоне во долгови, да нема учебници, инвестиции, нови работни места… Следните години треба да се работи за зачувување на темелите на државата оти се расклатени. Зарем тоа ќе се остави на „мајсторите“ кои ги поткопаа столбовите?

Македонија има потреба од свежа крв, нови луѓе со прогресивни идеи, кои ќе се грижат за сите во државата и кои ќе бидат замаец за достигнување на квалитетен живот за сите. На Македонија и требаат луѓе што не лажат. На Македонија мора да и се врати гордоста!

И ако немате веќе букирано билет во еден правец за бегање од Македонија, како што многумина ваши соседи и пријатели го направија тоа во последниве години, треба да излезете на избори. Оти колку и да не се интересирате за политика, колку и да не ви е блиска ниту една опција, треба на сите да им е јасно дека на изборите се одлучува и за иднината на државата, за работните места, за платите, за стипендии, за пензиите, за здравството, за образованието…

Пенкалото, мој Миле, што ќе го држиш во рака зад гласачкиот параван ти е црвен или зелен картон каде што ќе го оценуваш досегашното работење на политичарите. А ако останеш дома, ќе им го дадеш тоа право на други да ја направат оценката во твое име. И знај дека добрите луѓе како тебе Миле што не излегуваат на избори всушност ги избираат лошите функционери на власт. А Македонија на таквите треба да им даде црвен картон и долгогодишна суспензија од функционерските позиции.

Нa крај се разделивме, а Миле рече дека сум го натерал добро да размисли дали можеби греши што имаше намера да не гласа.