Home КОЛУМНИ Ќе носиме ли по две маски од следниот месец?

Ќе носиме ли по две маски од следниот месец?

0
Ќе носиме ли по две маски од следниот месец?

Колумна на Никола Тасев:

 

Нашата мака во Скопје може јасно да се види преку две слики! 

Слика 1: Краков во Полска, град со приближно 800.000 жители, со развиена индустрија и премногу загаден во минатото. Зелени дождови, сив воздух, смог, премногу настрадани од респираторни проблеми! Градските власти со помош на државните, прават акционен план за борба против загадувањето и успехот се гледа: воздухот во градот станува поднослив. Не е идеално чист и со повремени пикови на загаденост, ама направена е огромна разлика од минатото. Најголем успех градските власти постигнуваат со ловење на загадувачите преку дронови кои се 24 часа во функција, преку стотиците километри велосипедски патеки и велосипедите на дневно изнајмување.

Слика 2: Скопје во Македонија, град со приближно 800.000 жители, со речиси уништена индустрија, не толку загаден во минатото, но со неподносливо загадување на воздухот во последните години. Неспособните градски власти, без помош од државните, иако имаат акционен план за борба против загадувањето, освен што на секои три месеци најавуваат, никако да почнат со реализација. Но што и да очекуваме повеќе од градската управа која три години дреме во ладовина, три години само нешто ветува – а не реализира.

Мачни слики, ама и премногу поучни слики. Поучни за нас скопјани како во светот се борат против аеро-загадувањето и колку овде само не мафтосуваат, а поучни и за градоначалникот Шилегов. Но може ли градскиот татко да извлече поука, ако гледаме дека тој оваа година беше поразен дури и од комарците? Да, и тој има дронови и се фалеше со нив, ама дроновите на Петре не можат да уловат загадувачи, исто како што и авионите што прскаат не успеваат да уништат комарци.

А, барајќи ги гласовите на скопјани, Шилегов вети многу: 50 отсто намалување на загадувањето во првата година, зелени фасади и покриви, Скопје еко град… Од сите ветувања видовме само како се прошета низ центарот на градот со маска протестирајќи за чист воздух (најверојатно протестираше против самиот себе), зелени фасади не видовме, а наместо 50 отсто намалување на загаденоста во првата година, еве на крајот од третата од неговиот мандат загадувањето не се намалува.

Злобниците велат дека затоа и си направи викендица во Маврово – да подише чист воздух кој го нема во неговото Скопје. Но, ајде си велиш изградил – изградил, ама барем таму на чистиот воздух да помислеше малку посериозно за нас што се гушиме… А тој кога ќе помисли на ова само му текнува: „ова не може да се реши за една година”, „виновни се домашните огништа и несовесните граѓани“…

За триесетина дена ќе запалат топланите, печките во домовите, повеќе автомобили на улиците… Ако сега е загадено, како ќе биде тогаш? Од Короната се штитиме со медицински маски, а тие не се доволни за да се заштитиме и од нечистиот воздух. Дали од следниот месец ќе мора да носиме по две маски?

Во Скопје има многу еколошки здруженија, искусни и паметни екологисти, совесни активисти за животна средина со многу конкретни предлози како да го решиме загадувањето. Има безброј примери како останатите градови се избориле или се борат со овој проблем. Треба само да се преслика таа акција во Скопје и да почне со решавање на проблемот.

И не е само Скопје проблемот, и Битола и Тетово се меѓу најзагадените во регионот  Загадувањето е национален, здравствен и егзистенцијалн проблем. И ќе се реши, само ако почне да се решава! Со спиење по кабинети, со мислење по планински викендици, со безидејност, со чекање само да помине мандатот, решение ќе нема!