Колумна на Никола Тасев:
Ми се случи вчера неверојатен настан. Ми се јави Дедо Мраз, лично. Се шокирав! Знае и македонски јазик – ми вели: Немајте гајле, кај мене Бугарите немаат врски како што имаат во ЕУ и ме замоли да му помогнам, да се обрати до населението во Македонија. Ме избрал мене оти видел дека пишувам колумни, а и сум имал брада како неговата.
Всушност, тој побара само да пренесам дека македонската Демократија му напишала писмо со оваа содржина:
„Драги Дедо Мразе веќе 10-тина години големите политички партии ми ветуваат дека ќе ми подарат една изборна единица. Досега само ме лажеа! Затоа решив да ти пишувам тебе во Новата Година да ми ја оствариш оваа моја најголема желба.”
Дедо Мраз ми објасни дека за тоа треба самиот народ да си се избори, да објаснува и да врши притисок врз властите. И ми рече: останатото ти знаеш да го објасниш и објави го. Му посакувам на македонскиот народ една изборна единица и тоа е вистинскиот пат кон демократијата. Борете се!
Еве толку беше разговорот. Сега останува да се види што ние треба да направиме: Прво, конечно реално да се прочисти избирачкиот список, па ако е потребно и со активна регистрација на гласачите. Кој сака да гласа, нека се регистрира.
Второ, цела држава една изборна единица без цензус, а за да се потврди сериозноста на политичките субјекти да се обезбеди минимум 1.000 потписи како поддршка на секоја листа, без разлика дали е од партија или од независни кандидатури.
Трето, да се оневозможи предизборно коалицирање, преку што конечно ќе заминат во историјата „човек-партиите” што повеќе од 20 години се шлепаат во македонската политика.
Четврто, листите да бидат отворени, преку што ќе се запази регионалната застапеност во Парламентот и во него ќе добиеме квалитетни пратеници што гласачите ќе ги изберат, наместо како досега, блиски соработници на лидерот.
Вака, наместо излезноста на изборите да биде околу 50%, граѓаните кои се разочарани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се мотивираат да излезат на гласање и да го дадат својот глас за некоја трета или четврта опција, а помалите партии ќе бидат охрабрени да излезат сами на избори, без да бидат статисти и декор на поголемите.
Истовремено и ќе се изрази вистинската воља на гласачите и секој глас еднакво ќе се вреднува, партиите ќе ја увидат вистинската поддршка, а помалите, но и некои нови партии или граѓански движења, ќе добијат реална можност да влезат во Собранието.
Но, една изборна единица не им одговара ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ
затоа што ќе го изгубат комодитетот во парламентот и како власт и како опозиција.
Затоа не треба да ја оставиме Демократијата тажна и осамена во желбата, туку, сите да земеме пенкало и да напишеме писмо до Заев и Мицковски: „Драги Зоране и Христијане ослободете ја демократијата од канџите на вашите партии и овозможете вистински изборен натпревар. Сакаме една изборна единица!”
И помалите партии не треба да седат мирни и наместо да се задоволуваат со улога на статисти и корисници на трошки, исто така треба да напишат писмо и да кажат јасно доколку не се смени моделот нема да учествуваат на следните избори. Да им порачаат и на СДСМ и на ВМРO-ДПМНЕ: дечки и така сме само декор на изборниот процес со овој нерамноправен модел, ако не го смените – играјте си сами!
Ете вака ќе се направи голем демократски исчекор. И навистина Дедо Мраз е во право, не треба да чекаме друг да се смилостиви и да ни го даде.
Самите треба да го издејствуваме.