Затеменетиот ТВ екран кој како протест на операторите го видовме сите на нашите телевизори пред два дена, ја натера Владата да проба да се корегира. Имено, министрите на синоќешната седница донеле измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која од 60 дена на 150 дена е продолжен временскиот период во кој операторите беа должни да извршат пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат.
Овој рок, како што информира владината прес-служба, е продолжен со цел да ја исполнат обврската и да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери. Дополнително, а заради обезбедување на соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите.
Со оваа реакција на Владата, приближно се дојде до тоа што пред неколку дена како предлог за излез од ситуацијата го даде директорот на сателитскиот оператор „Тотал ТВ“:
-Уште неколку дена трае вонредната состојба, Владата мора да го напушти пактот со телевизиите и да стане вистински медијатор, деновиве да донесе Уредба со која сите законски измени поврзани со регистрацијата на странските канали се одлага за 1 јануари 2021 година. За да има време да се конституира новиот парламент, за да може да се донесе применливо законско решение и да се избегне дупката од неколку месеци каде што партиите ќе се занимаваат само со себе (нов парламент, нова влада, нови директори, нова поделба на колачот…) а најмалку ќе мислат на спорот меѓу телевизиите и кабелските опаратори. А уште помалку ќе мислат на граѓаните кои ќе гледаат црн екран, напиша во колумна директорот Никола Тасев.
За потсетување, кабелските оператори завчера го прекинаа емитувањето на ТВ програмите во траење од еден час во знак на протест од, како што соопштија наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Дополнително, реагираа и на тоа дека на 29-ти минатот месец, во време на вонредна состојба, е донесена Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска, како што наведоа, на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку јавната електронска комуникациска мрежа.