Најверојатно нема никогаш, ако продолжат да се поставуваат поданички кон поголемите партнери и ако дозволуваат да бидат прелажани со „сладок збор” и со погалување по глава. Особено, оние партии кои во моментот се „топлат” во власта, под ќебето на големиот брат СДСМ, очекувајќи да им дадат поубава детска играчка (читај некоја ситна функција и вработување), под услов да не креваат многу многу галама, да си траат и да бидат послушни.
А малите партии и тоа како можат да пораснат. Да се разбереме, не можат сите да прејдат од детство во возрасни. Има партии кои и не се направени за да растат, тука да задоволат потреба на два-тројца недораснати за политика, но јас пишувам за другите партии, кои иако се мали, можат многу да дадат во политичкиот живот во Македонија
Нивниот матурски испит, со кој од детството ќе преминат во возрасни, се предложените измени на изборниот закон, како една од точките на дневен ред на собраниската седница што започна вчера. „Цела Македонија една изборна единица” на која како предлагачи се и неколку пратеници – владини коалициски партнери е долгогодишна желба на помалите партии како демократска потреба на нашето општество, но желба и на секој што сака разноликост, еднаквост и вистински Парламент. Но, најверојатно ова и понатаму ќе остане само пуста желба. Затоа што за нејзина реализација помалите партии треба да се изборат сами, наместо да чекаат милостина од „големите”.
А, нивниот голем партнер јасно им порача: Владата не ги поддржува измените за законот! На предлогот на помалите партии, Владата кажа НЕ. А тоа е истата влада во која најголем дел од пратениците – предлагачи се коалициски партнери. И истата влада која со нивните гласови пред 2 месеца „остана жива” и за чии предлози гласаат како програмирани машини, често и без воопшто да прочитаат за што креваат рака. Е таа Влада, во која што седат и нивни министри, заменици и помошници – им вети и ги излажа! СДСМ, носителот на власта им вети една изборна единица и на помалите партии, но пред се на граѓаните, како едно од ветувањата од 2016-та година. И ова ветување, за жал, ќе го ставиме во обемната папка: нереализирано од програмата на владејачката партија.
И што сега, малите ќе полагаат матура или не? Ќе растат или самите ќе одлучат вечно да останат деца кои се радуваат на играчки дадени од поголемиот брат? Помалите партии, особено оние кои се во власта, имаат можност, баш сега, да се изборат за ова, затоа што функционирањето на Парламентот и опстанокот на Владата зависи токму од нив, од нивните гласови…
Оној што самиот не може да порасне може ли да направи општеството да расте? Ова прашање си го поставуваат ли во малите партии? Ние граѓаните си го поставуваме.
А додека чекаме малите да пораснат, ние граѓаните, а особено поборниците за идејата за една изборна единица и понатаму ќе гледаме Парламент што не е реална слика на расположението на гласачите во Македонија и понатаму ќе гледаме како многу гласови и многу идеи на граѓаните ќе бидат оставени пред портите на скапата собраниска зграда, само затоa што и понатаму ќе имаме изборен модел кој форсира успех само за најголемите?
Хрватските локални избори од пред неколку дена покажаа што се случува кога помалите партии се проактивни, граѓаните го препознаваат тоа. Водечките партии во Хрватска, по првиот изборен круг за градоначалници, не се водечки ниту во Загреб, ниту во Сплит, ниту во Риека. Малите партии и независните кандидати ги загрозија поголемите.
Кај нас помалите партии со својата потчинетост и неактивност се загрозуваат само самите себе.