Фер е да се каже дека сите досегашни владеачки гарнитури во Македонија имаат една заедничка карактеристика: колку подолго се на власт толку повеќе се неодговорни, неисполнителни, не даваат отчети, лажат, крадат… За жал, на актуелната власт не и требаше долго време за да се вклопи во оваа сива приказна.
За неисполнителноста, лажењето и немањето отчетност одговор треба да им дадат граѓаните на гласачките места, а за крадењето – постојат институции. Мене ме загрижува преголемата неодговорност што ја манифестираат со што се урива општеството, се загрозуваат граѓаните и се поткопува државата.
Размислувам од каде да почнам со набројување примери за неодговорно однесување затоа што ги има премногу. Еве од пожарите. Треба ли посебно да се образложи институционалната неодговорност и површност? Кое е оправдувањето ако државата има авиони за гаснење пожар, а не се во функција? Со години несервисирани да скапуваат во хангари. Се правдаат дека било скапо одржувањето. Зошто ги имаме тогаш? Нека ги продадат, а од парите нека купат луксузни возила на функционери. Тие нека се задоволни.
Неоговорност, дури и безобразлук е Владата да прогласи кризна состојба, а веднаш по седницата премиерот и министрите да си ги спакуваат куферите и да ја летнат на море. Демек од плажа, со пивце во рака, ќе координирале. А главната координација им е молење по пријателски држави за помош. Видоа странците колку им сече на нашиве, па помогнаа за да не се пеплосаме.
А ќе се пеплосавме и од Короната да не помогнаа соседите и останатите пријатели. И тука нашите власти не знаеја како да го изгасат пожарот. Додека сите трчаа по вакцини, нашите власти спиеја и сонуваа провизи. Па потоа молеа за донации. Минатата година, на почетокот, некако и можевме да им најдеме оправдање, но сега…
Пред два месеца Короната се стиша, но за жал се стишаа и активностите на Министерството за здравство. Нашите помислија дека си заминала, па министерот Филипче се пушти во партиска кампања. Наместо тоа требаше да ги активира сите расположливи сили и да ја подготви државата за новиот бран што во моментов ни се случува. Летото беше време за да се направат јасни протоколи за заштита, да се прошируваа болничките капацитети, да се набавува опрема, да се обучува медицинскиот персонал. За тоа немаа време, ама пак затоа Филипче најде време да изврши увид на пожарот во Кочани и да се слика со премиерот Заев. Што мајка бараше таму? Тој си има друг пожар за гаснење, поголем од кочанскиот, од кој почнаа да умираат и по десетина луѓе на ден.
За ресорот образование – што да се каже? Очигледно е дека се е импровизација која се претставува како систем. Почетокот на школската година ќе покаже какви проблеми таму ќе има оти не се направија темелни и одговорни подготовки.
Прекумерното задолжување да го споменувам ли? Претерано! Дури и поранешни високи функционери од СДСМ апелираат да се стави крај на ова и да се изработи стратегија за иднината на македонската економија. Моментално со позајмените пари ќе се изгаси некој пожар, но пепел ќе се направи економијата за идните генерации.
Ако политичарите немаат одговорност, најдобро е тоа да го научат, а најдобри лекции држи народот – на избори.