Ќе има избор на овие избори! Кој сака ќе си гласа за партија, а кој не, има за кого коментираат граѓаните по многуте независни граѓански кандидатури што се најавија деновиве. За престојните локални избори вкупно 25 независни кандидати за градоначалник ја комплетираа својата пријава. Освен за градоначалници и вкупно 57 кандидатски листи за советници ќе ја бараат поддршката од гласачите.
Зошто граѓаните на Македонија во толкава мерка посакаа да бидат непосредни актери во изборите, конкурирајќи им на политичките партии? Одговорот, очигледно, треба да се бара по повеќе основи, но најглавното е што тие се разочарани од она што го прават политичките партии кога е во прашање владеењето, како на државно, така и
на локално ниво. Неисполувањето на изборните ветувања, злоупотреби, речиси ист начин на управување, манипулации со јавни набавки, партиски локални и бизнис моќници, нескромност, погрешни одлуки,… се карактеристики кои од избори до избори го одбележуваат владењето на партиите. Тоа е силен мотив за граѓаните, кои што секојдневно се соочуваат со бројните проблеми по своите општини, да посакат сами да почнат да решаваат за справувањето на тешкотитие кои ги имаат. Односно,
да покажат дека самите можат да водат подобра грижа за урбанизмот, зеленилото, екологијата, сообраќајот… на подрачјето на сопствените општини.
– Граѓанските листи се резултат на разочараноста оти 30 години две исти гарнитури се
менуваат во власта и ја потценуваат нашата интелигенција. Не делат на „наши” и „ваши”, делејќи книшки за вработување и бизнисите. Мене лично преку глава ми е да трчам за некој кој дава лажни ветувања за време на кампања а потоа да почне со реториката „пу, пу, не важи” и што води кон крадење на народот, ни вели
Панче Панев до Струмица.
Слично мисли и Стојанче Маринков:
– Јасно е дека бројните листи се резултат на разочараноста на граѓаните во политичките партии и дека се случува бран со кој тие сакаат да се независни од партиите, потенцира тој. И на поранешните локални избори имало обиди групи граѓани да се обидат да освојат градоначалнички или советнички места во Советите на општините. Но, тие обиди немале големи успеси. Дали сега ќе биде поинаку? Зад повеќе листи стојат граѓански организации и докажани активисти.
– На тој начин може да се поматат и сметките на партиите, на принципот „Курто и Мурто”, и да се свестат до каде не довеле во изминативе 30 години, потенцира граѓанинот Панев.
Од друга страна, ваков граѓански бран може и да доведе и до зголемувањето на одзивот на граѓаните на денот на гласањето. Претходните избори од 2017 година на кои што имаше само половичен одзив од 49 проценти покажаа дека граѓаните се помалку се заинтересирани во чии раце ќе замине локалната власт.
– Мислам дека со многуте листи ќе се зголеми и одзивот на граѓаните на гласачките места, наведува граѓанинот Маринков.
Дали граѓанските листи ќе успејат да го анимираат гласачкото тело ќе покаже 17 октомври за кога е закажан првиот круг од изборите
Извор: skopskoeho.mk
Линк до објавата