Оп, Владата соопшти дека ќе ја задолжи Македонија со нови 530 милиони евра. Ова треба да радува или да загрижува? Недостигаат пари, но недостига и знаење и одговорност како тие што се имаат се трошат…
И додека ние ја имаме таа дилема, економската и енергетската криза галопира низ Европа. Ги зафати и најсилните економии. Сите се борат за да ги намалат негативните последици. Ќе се изучува оваа криза во блиска иднина во економските училишта и на факултетите, за нејзините последици и мерките кои се преземале за да се заштити системот, компаниите и поединците. Што во тие учебници ќе пишува за Македонија и за нејзината власт? Тоа е дилема, таква ни е судбината…
Сите држави преземаат мерки за пресретнување и спречување на кризата, презема и нашата Влада. Тоа ќе пишува – ДА. Но сигурно, ќе пишува и тоа дека сите потези биле задоцнети, недоволни и во најголем дел неспроведливи. Ќе пишува и дека македонската власт повеќе мислела на популизам, отколку на реално спасување на економијата.
Наместо да работеа на обезбедување ефтини енергенси и на стратегија како да се пресретне кризата, министрите ги потрошија летните месеци – се трткаа во скутот на Бугарија и ја лажеа јавноста дека сме почнале преговори со ЕУ и оти тоа е спасот за Македонија. И трчаа да молат за енергија по регионот.
Да, мора да признаеме сега (конечно), Премиерот ги презентираше мерките вредни 350 милиона евра. Убава сума! Но, кога ќе се погледат точките каде, како и колку ќе се помага – само дваесетина милиони евра се реални и веднаш. Помош ќе добијат околу 40.000 социјално загрозени граѓани и околу 80.000 пензионери. И тоа на лажичка. Се останато е математика и желба која ќе заврши во административните лавиринти и во партиските надмудрувања. Ефектот од сегашните мерки ќе биде ист како на оние од март кога „дадоа“ 400 милиона евра – НИКАКОВ. Добро, предвидени се стотина милиона евра за поврат на ДДВ. Ама зарем тоа е мерка? Зарем не е нормално државата ДДВ-то што го земала од компаниите, да им го врати. Тоа се нивни пари.
Затоа прашањето ми е: за која криза владата ги донесе мерките? За сегашнава или за онаа што можеби ќе биде во 2027 година?
А требаше и мораше само да бидат побрзи, поснаодливи и поконкретни.
Прво, да се направеше интервенција во пресметката на придонесите на платите со преполување на давачките кон државата, во корист на работникот. На пример, сега од 30.000 денари бруто плата – 20.000 се за вработениот, а 10.000 се за државните фондови. Компанијата повторно би исплаќала 30.000 денари бруто плата, но за вработениот би оделе 25.000, а за државата 5.000. На тој начин би се зачувала вредноста на парите што работниците ги добиваат за својот труд, а фирмите нема да се оптеретат дополнително. Оти цените растат, а платата стои во лер.
Второ, месечен ваучер 50-60 евра наменски за комунални услуги за пензионерите, невработените и работниците кои земаат плата помала од просекот. Да си платат струја, вода, греење… Факт е дека со најновите мерки Владата на дел од овие граѓани ќе им даде по нешто, но малку. Што да платат или купат со 900 денари месечна помош? Три млека, пет леба и килограм сирење.
Трето, намалување на даноците и одложено плаќање на ДДВ, за да им се помогне на компаниите.
Четврто директна помош на компаниите кои произведуваат основни прехрамбени продукти. Ако цената на лебот и млечните производи растат, заради скапата струја и гориво, помогнете им директно. Така ќе ја стабилизирате основната цена на овие основни продукти. Не е решение да ја замрзнувате маржата на трговците – „замрзнете” ја производната цена.
И овие мерки треба да важат до март. Да ја поминеме зимата.
А има ли пари за ова? Ете, земаат кредити и тоа големи. Наменско задолжување, со контрола на трошењето е секогаш оправдано.
Ама ќе има ли вистинска контрола? И секако, дали ќе има вистински мерки?