Ама освен зборот, реформи на дело не видовме, освен кога се многу утнати па поради тоа, живеачката, наместо поарна станува потешка, покомплицирана.
Зошто е така? Прашањето има лесен одговор кој треба почесто да го кажуваме: Прво треба да се реформираат тие што најавуваат, планираат и спроведуваат реформи. Тука е главниот проблем на Македонија!
Речиси сите анкети и истражувања покажуваат дека македонските институции се нефункционални, а администрацијата е непрофесионална, непродуктивна и најчесто под политичко влијание.
Колку пати сме слушнале: Абе ова не е држава! Што не значи дека Македонија не е држава, туку дека граѓаните се незадоволни од институциите кои дебело ги плаќаат.
А за реформа на администрацијата постојано се збори, ни ја пукнаа главата со разни акциони планови и стратегии, а резултати нема. И се прашал ли досега некој од „управниците” на државата зошто е тоа така? Па едноставно: не може да не реформира некој кој и самиот е за реформа. Ако не знае или нема желба самиот да се реформира, како ќе ја реформира државата?
Инаку, уште од античко време во државите се поставувала стабилна и функционална администрација. Таа е чувар и двигател на државата. А кај нас? Е кај нас таа е сидро што не вкопува во место и не прави кревко бродче кое е под удар на брановите. А сега е време кога често има бури, те од Исток дува, те од Југ… И затоа крајно време е македонскиот брод да има вистинска посада.
Како се доаѓа до тоа? Со реформа на вечните реформисти. Едни исти лица кажуваа пред многу години како се работи во фирмите во социјализмот, па потоа како да се приватизираат истите фабрики кога пропадна социјализмот и сега како да се спасиме од кризата по пандемијата… Може ли такво нешто да води кон вистински реформи кои нема да има потреба пак-набргу да се рефирмираат? Исто е и со образованието, како и со реформите во судството и законите, земјоделството, здравството…
Од друга страна и со секои избори и со секоја нова власт повторно ни се потврдува истото кога гледаме како на најважните позиции во јавните претпријатија и државните агенции се поставуваат партиски ограничени кадри и луѓе блиски до нив, на кои концептот за реформа им е далечен. А каде се докажаните професионалци, искусните кадри кои знаат што се реформи? Е тие се надвор од Македонија, тие се таму каде што можат да работат и напредуваат и без партиска книшка. Ова всушност е и една од причините, ако не и најважната, зошто квалитетни кадри ја напуштаат државата.
Затоа, во предвечерјето на локалните избори, но и можните парламентарни, јасно сите партии да објаснат што мислат кога велат – Реформи. Секако и граѓаните на гласачките кутии можат да ја почнат реформата на оние кои не успеаја со години да направат успешни реформи за доброто на Македонија.