Home КОЛУМНИ Црвен картон и за СДСМ и за ВМРО – ДПМНЕ

Црвен картон и за СДСМ и за ВМРО – ДПМНЕ

0
Црвен картон и за СДСМ и за ВМРО – ДПМНЕ

Колумна на Никола Тасев:

Граѓаните вчера гласачките ливчиња ги претворија во црвени картони. И ги делеа на сите „лидери“ кои минативе години ја фаулираа Македонија. Црвен картон пред се добија двете големи партии и нивните коалиции. Џабе сега тие глумат победници и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вчера беа поразени. Не е важно и кој ке ја составува владата, не е важно и кој ќе биде премиер, затоа што гласачите им кажаа дека сакаат вистински промени наместо козметички шминкања, нови лица во политиката наместо замаскирани кловнови и политички сеништа, свежа крв наместо вечни фотељаши, реални ветувања и проекти наместо розеви приказни. Македонскиот граѓанин првпат на овие избори казнуваше и на двете страни, покажувајќи им дека не ја заслужуваат довербата.

Ако се споредат резултатите од 2016 година, СДСМ и БЕСА заедно со нивните партнери во „најголемата коалиција во историјата” останаа покуси за речиси 210.000 гласови или за 8 пратенички мандати, а ВМРО ДПМНЕ и неговите за околу 140.000 гласови и за 7 мандати.

Каде погрешија „големите”?

На ВМРО-ДПМНЕ лежерното очекување дека народот незадоволен од власта ќе им ја дарува победата, им се удри од главата. На безбројните смечови што им ги местеше СДСМ одговараа со „закуцување” во мрежичката. Можеа да згазат, но на крај се згазија самите себе. Млитавоста во настапите, немото посматрање на битните процеси на националното понижување, неподготвеноста да ја прошируваат соработката со нови партии и групации, недоволното внимание кон неопределните гласачи се само некои од причините за нивната катастрофа.

СДСМ пак, како владеачка партија ја изигра довербата на големиот дел од народот. Правда и правичност не видовме, странските инвестиции не одминуваа и завршуваа во соседството, а домашните инвеститори беа претпазливи. Економскиот бум го имавме само на хартија, во фалбите на власта и во статистиката што сами ја подготвуваа. Нерасчистените корупциски скандали, партизираната економија подредена единствено кон развој на компаниите на министрите, партиските спонзори и штабските крлежи и контрола врз полицијата и судството беа одликите на владеење на оваа партија. Се ова, но и промената на името, уставот, откажувањето од историјата се клучните причини зошто гласачите ги казнија и нив.

Народот сака нешто ново. Казнувањето на двете големи, но и успехот на Левица е уште еден показател за тоа. Штета што Македонија не беше една изборна единица, затоа што Левица наместо 2 мандата ќе имаше барем 4 или 5.

Токму тоа е и клучната порака на гласачите, тоа е главната реформа со која треба да се зафати новиот парламент: Македонија една изборна единица, со отворени листи и без можност за предизборни коалиции. Само така ќе добиеме вистинска демократија во Собранието, шареноликост, поголема контрола и парламентарен состав што ќе го отслика реалното расположение на гласачите. Во парламентарните клупи ќе седат народни избраници што гласачите ги сакаат, а не подлизурковци на партиските лидери. За таква реформа треба воља и подготвеност. Македонија е подготвена за тоа, но дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се?

Нека се подзамислат, црвениот картон е во рацете на граѓаните, а локалните избори еве блиску се.