Не, не сум фантазер или пак провладин „експерт“! Само сакам да опишам каква ќе беше Македонија, доколку актуелните градоначалници го исполнија она што го ветија пред четири години. Стотици и стотици проекти, најави, ветувања… листата е предолга. Но, листата на реализација е прекратка.
Е таа, кратката листа не интересира нас граѓаните. Зошто немаше реализација? Време e тоа да се објасни токму сега – пред новите локални избори.
Во сите држави пред избори политичарите ветуваат. И во Македонија е така. Во секоја нормална држава, нормално е избраните функционери да исполнат најголем дел од ветеното, но и да дадат отчет каде ги трошеле парите. Кај нас пак, нормално е само да ветуваат, ветуваат, ветуваат… и нормално е, и без да се исполни најголем дел од ветеното и без да се даде отчет на трошењето, истите функционери да се впуштат во нова кампања.
Кај нас стана нормално премиерот, министрите и директорите со предвремена кампања и со користење на јавните ресурси да ја оправаат лошата слика за своите градоначалници, оти тие имаат кратка листа на реализација. И затоа редат нови листи на ветувања. А нормално ќе беше ако за актуелните градоначалници говореа нивните реализирани проекти, наместо премиерот да ги фали колку се добри и колку му се другари.
Туку да не заобиколувам – градоначалниците да излезат со извештаи за сработеното и да дадат детален опис на потрошеното. Ете, тоа го бараме.
Нека ја погледнат сопствената изборна програма и нека потцртаат што реализирале, а и да објаснат зошто останатото не е реализирано. До нив ли е проблемот или до централната власт? Кога премиерот Заев во 2017 година ги промовираше говореше: „Гласајте за нашите, другари ми се и ќе ја имаат поддршката од Владата“. Изостана ли владината поддршка или пак градоначалниците го преспаа мандатот?
Потребен е и финансиски отчет, специфициран по ставки за што е трошен општинскиот буџет. Парите се потрошени, а реализирани проекти речиси да нема.
Лесно му е на скопскиот градоначалник Шилегов да каже дека не е фараон за да гради капитални објекти, но ветувањата со кои дојде на власт му беа фараонски, а богами и за парите на скопјани, што ги потроши, може да му позавидат фараоните.
Инаку, околу новите избори барем е лесно за постојните градоначалници, кои пак ќе се кандидираат: не мора да смислуваат нови изборни програми, само треба да ги препишат тие од 2017. И така речиси ништо од нив не е реализирано. Програмите не беше лоши – лоши беа реализаторите!