EУ пак ја дрма Македонија. Тоа и стана навика. Тоа пак како да го посакува Македонија. Во Скопје политичките елити повеќе од две децении како послушни ученичиња ја слушаат лекцијата од Брисел дека рајот е во ЕУ и дека таму кај нив е лулката на демократијата и човековите слободи. Генерации и генерации Македонци пораснаа и созреаја со лекциите за придобивките од нашето членство во Европската Унија и за нејзините темелни вредности: човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права.
Но дали е се уште така, како што не учеа?
Лекциите на „убавата дама”, како што милуваше да ја нарече поранешниот премиер Заев ги научивме напамет, но дали ЕУ има и нови лекции што нејзините учители се уште не ни ги раскажале. Како на пример, дека правото на посилниот е неприкосновено! Или дека правото на уцена кон кандидатите за влез во Унијата е вистинскака демократија и дека тоа е всушност слободата – да прифатиш некој да ти биде тутор?
Уште со осамостојувањето на Македонија, се сеќавам бев средношколец, сите ги чекавме вестите од состаноците на европските првенци за да го добиеме признавањето. Со поднесеното барање за членство во ЕУ, секој јуни и декември ни се гледаа како надеж, па завршуваа како големо разочарување. И така две децении добивавме лекции за демократија ама и блокади, уцени и вета. За две-три години и син ми ќе биде средношколец, а ние се уште чекаме правдата и правичноста да дојде од Брисел.
Дали син ми повеќе ќе слуша од оние другите лекции на ЕУ? Дали ќе ја гледа грдата позадина која ни дава до знаење дека Унијата можеби има и други вредности? Па не е на одмет да си го поставиме прашањето: Да не е нешто во меѓувреме сменето во ЕУ, а ние не сме запознати или таква била отсекогаш? Да не има лекции што не ни се раскажани? Ако е така, треба јасно да ни кажат кои се новите принципи и начин на функционирање, па одново сите ние да се преслушаме дали ни одговара тоа.
Толку многу во изминативе 20 години се говори за ЕУ како наша единстена опција, што сега во јавноста се добива впечаток дека на народот му е сеедно на кој начин ќе влеземе во „одбраното” друштво. Но не е така?! Македонците јасно го кажуваат својот став, но за жал во јавноста повеќе ги слушаме разни „велеексперти”, за кои јавноста има и други епитети ама да не ги споменуваме сега, кои божем проценуват колку најновиот предлог е добар. Па не бил толку лош, па можел да се надгради да се подобри. Е како? Ако веќе барањата на Бугарија влезат во преговарачка рамка – завршена е работата. Ние тогаш само треба да си траеме и да си исполнуваме или пак – вето.
Треба да и е јасно и на македонската влада дека револтот од јавноста кон неа и кон дипломатијата е огромен. Затоа што вака добиен датум нас не оддалечува од Унијата, наместо да не приближува. Треба да и е јасно и на ЕУ дека ние со симпатија гледавме кон Брисел поради првичните лекции – за слободата, демократијата, правото на самоопределување…
Што да направиме ние? Владата и претседателот да кажат јасно НЕ. Тоа не е нешто страшно. Нема да кажеме збогум. Само ќе се свртиме малку кон себе и ќе ја стабилизираме Македонија.
Што треба да направи ЕУ. Да каже – ДА. Да за лекциите кои ги учевме, ДА за слободарската Европа.
Кога тоа ќе го каже, еве не нас подготвени пред вратите на ЕУ.
А вака, ако прифатиме се што ќе ни сервираат странските дипломати, навистина за 10-15 години и може да се приближиме кон полноправно членство, но цената што ќе ја платиме ќе биде превисока: држава со име кое мнозинството граѓани не сакаат ни да го изговорат, со народот недефиниран, со јазик со фусноти, со црква призната ама не како македонска…
Можеби ќе ја добиеме ЕУ, ама ќе ја изгубиме Македонија!