Ги избркаа младите – пензионерите ги ставаат под тепих

Прилично жешко е во Македонија. Врие дури и во партиските штабови на СДСМ и ДУИ, а и во Владата, која ја претворија во партиски штаб. Иако се вклучени скапите еркондишни на најсилно, се печат министрите, оти и најзаслепените прогледаа дека приказните за двотретинско мнозинство се само нереални басни и оти дале ветување кон ЕУ, што не можат да го исполнат. Сфатија, ама не покажаа доблест да го слушнат гласот на народот, кој порачува никако уставните измени на овој начин. А не покажаа доблест ниту да ја прифатат сламката на спасот понудена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ – заедно да го решаваат проблемот, што власта сама го создаде. Мислеа дека опозицијата ќе се пржи под притисоци, ама испадна дека тие се во врелата тава.

Жешка ќе е и есента во Македонија. Пука државата на сите полиња: политичка криза, колапс на економијата, растат цените, инфлација, социјалата е во бездна… Народот е загрижен – исплашен како ќе се преживее годинава, ама на власта „ич да не и чуе“. Неа проблемите на граѓаните не и се приоритет. Зафатени се со тоа да ни толкуваат што кажал Макрон или Мишел, какви пораки до Македонците пренеле европските челници… Всушност, главен проблем им е со каква пропаганда да излезат од врелата тава.

Додека министрите се шетаат низ Македонија со караванот за да ги објаснуваат придобивките од Европската Унија, шетаат и пензионерите. Во Свети Николе, во Делчево, во Неготино, во Прилеп… штрајкуваат нашите родители, дедовци и баби за некој од власта да го слушне нивниот глас. Бараат достоинствен пензионерски живот. Со право, оти го заслужуваат. Тие се луѓето што го градеа сето она што сега власта полека, полека го растура. Ама  заслепените од власта и со ушите имаат проблем.

„Уништувачите“ испраќаат јасни пораки до „градителите“ дека немаат намера да разговараат со нив. Нивни партнер е Сојузот на пензионери, кој ги минира штрајковите, а кого од Владата, деновиве го „почестија“ со еден милион евра. Еве и пензиите веќе нема да се исплаќаат предвремено, како што беше праксата изминативе три години. Зачести и „ловот“ на полицијата за, како што ги нарекуваат, нелагалните продавачи по пазарите. Луѓе бре, па таму најчесто се нашите баби и дедовци, кои скинале некое цвеќенце од дворот или набрале некое кило сливче за да заработат 100-200 денари тој ден. Оти пензијата им е мизерна, оти имаат невработени синови или внуци, оти сакаат да помогнат на младите… Оти сакат да купат некој лек. Преку нив ли власта ќе ни покажува дека се бори со сивата економија?

Греота и срамота… Фуј за Владата, оти немаат разбирање за тие што ја изградија Македонија. Наместо да им излезеа во пресрет, да им создадеа услови за посреќен живот, да најдеа системско и трајно решение, тие се расфрлаат со глупи оправдувања: ќе пропаднел Фондот, ќе се истрошел буџетот, ќе снемало пензии за сите за неколку месеци, требало да се штеди…

Епа ако штедеа на друго, сега ќе имаше за пензионерите. И ако се загрижени толку за пензискиот фонд, зошто не се загрижени и за државниот буџет, во кој власта си брца рака како во свој џеб?

И денес, Владата наместо караван за ЕУ, требаше да организира караван за пензионерите – да им објасни што ќе направи за нив? Ама како и многу пати досега власта покажа оти пензионерите не им се приоритет. Прво ги избркаа младите од државата, сега пензионерите им се на ред. Нив не можат да ги избркаат, ама затоа пак нив ги сметија и ги ставија под тепих.

Ќе се сопнат од купчето. Пензионерите покажуваат дека веќе нема да молчат. Не треба да молчиме и ние помладите, оти сите еден ден ќе бидеме пензионери.