Home КОЛУМНИ Гостите при пописот, гости ли се?

Гостите при пописот, гости ли се?

0

Колумна на Никола Тасев:
Дочекавме конечно некој да му дојде на гости на Заев, ептен го игнорираа функционери од други држави во последно време, ама ете Вучиќ му дојде на гости за да му донесе вакцини. Виде човекот, дека нашиов не го бива за да набави сам.

Туку мене за другите гости ми беше темата… Короната изминатите 12 месеци ни ускрати дружење, свадби, слави и прослави, односно одење по гости…  Но нашата власт, иако сме единствената држава во Европа која не се снајде со имунизација на населението, со еден процес го реши овој проблем и ќе ни донеси гости по дома: од 1 април на врата ќе ни тропнат попишувачите.

Дали е тоа добро осмислено? Од кога се појави Ковидот ретко ја посетувам мајка ми. И кога ќе отидам, тоа е посета „од нога” со маски и ракавици, затоа што таа и не прима гости – во ризична група е. И сега мајка ми ќе мора да прима други гости, а мене не ме примаше и кога ќе ја замолев да биде пофлексибилна ми велеше – Така рече Филипче и готово! А сега, попишувачите кои претходно влегле во други 10-15 домови, а за кои не сум сигурен дали ги почитувале сите заштитни протоколи и без гаранција дека во некои од претходните домови не дошле во контакт со позитивно лице, на ризичните групи што не примаа гости, сега ќе им дојдат на кафе.

Па сакам да прашам: Зошто повторно избрзување на штета на здравјето на граѓаните?
Воопшто не ме интересираат партиските надмудрувања, кавги и чудни логики околу одржувањето или одложувањето на пописот, затоа што и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се подеднакво виновни за тоа што Македонија, заедно со Сомалија се двете единствени држави во светот без попис повеќе од 15 години.

И додека во другите држави пописот се одложува, што толку гори кај нас за да биде сега? Зошто се брза? А да се потсетиме, така се брзаше и со промената на името и со минатогодишните избори. Па размислувањето ми оди до таму дали можеби пописот е уште едно парче од мозаикот што треба треба да се сложи за да бидат задоволни странските газди. Или пак навистина се брза за, како што не уверува власта, конечно на Македонија и тргне и во економијата и да дојдат богатите инвеститори да ги истурат доларите и еврата од своите торби.

Но и оправдувањата кога се брзаше со промената на името, за да влеземе во НАТО беа дека на странските инвеститори им треба сигурност за да дојдат. Исти беа и оправдувањата кога се брзаше со избори, дека за привлекување инвестиции потребен е функционален парламент и влада со широк мандат. Сега исто со пописот… А инвеститорите никако да стигнат или пак имаат погрешна мапа, па наместо во Македонија завршуваат во Србија, Албанија и Бугарија.

Туку да баталиме инвестиции, тоа е друга болна тема. Мајка ми сака да го праша Филипче за пописот и попишувачите: гостите што ќе доаѓаат – гости ли се?

За тоа дека вака со склепани правила за спроведување на пописот се плашам дека и гостите може да се попишат како домашни, но тоа е тема за друг пат…​