Градежниот шут од автопатот ја загрозува Демиркаписката Клисура

Автопатот Демир Капија – Смоквица значително го олесни патувањето кон Гевгелија и Солун. Но,тоа е убавата страна на приказната!
Лошата е сликата од купиштата со градежниот шут – отпад од изградбата, оставен близу до Демиркаписка Клисура. Шутот што го оставил изведувачот „Актор” значително ја загрозува специфичната и мошне богата животна средина во Клисурата.
Единствени, кои во моментов водат грижа за ова се членовите на Спортски клуб „Клисура” од Демир Капија, формиран пред осум години. Овој клуб со години работи на промовирањето на активен животен стил во областа на спортот на отворено,
еко-туризмот, чувањето на животната средина…
– По течението на реката Челевечка изведувачот остави најразличен неразградив отпад, платна за изолација, арматура, водоводни цевки, пластика на потегот од стариот автопат па до завршетокот на новите тунели. За жал, тој и ден денес стои, а рокот за отстранување е поминат уште пред една година и ништо не е преземено. Штетни се последиците, рибата бојник веќе ја нема насекаде по реката, а не само каде што е отпадот. Поради тоа покренавме иницијатива и како поддршка на барањето на општина Демир Капија до изведувачот отпадот да се расчисти, ни вели Киро Ѓорѓиев, претседател на клубот.
Почната е кампања, се собираат потписи преку онлајн петицијата, направен е видео-запис, постери, маици… со цел да се анимира јавноста и да се најде решението за проблем.
Но, ова не е сè што прави „Клисура” во ова подрачје.
– Досега направивме бројни планинарски, велосипедски фестивали, еколошки акции… Пред седум години почнавме со традиционален Меѓународен фестивал на спортови на отворено „Сакам промаја”. Секој трет викенд во мај се собираат повеќе од 1.000 домашни и странски туристи и спортисти. Три дена се организира спортско искачување на карпите, пешачки и велосипедски тури, забавни игри. Тука е и „Винска тура” со велосипедисти од цела држава, еколошка акција „Демир Капија гоес греен” и други, вели Стефанија Соколовиќ, проектен координатор.
Во „Клисура” наведуваат дека ќе ја продолжат борбата за максимална заштита на здравата животна средина, за развој на туризмот и на локалната економија.
– Планираме да се подобри понудата за пешачење, планинарење, планински велосипедизам и спортско качување по карпи за авантуристичките туристи. Сакаме да им се посвети поголемо внимание и на реките Бошава и Дошница, потенцира Киро
Ѓорѓиев.

Извор: skopskoeho.mk

Линк до објавата