Home КОЛУМНИ Граѓаните чекаат, ама и Ковачевски чека

Граѓаните чекаат, ама и Ковачевски чека

0

Во Македонија, успешни приказни ретко се случуваат. Дури и кога ги има, луѓето во власта не знаат тоа да го искористат – да ги раскажат, да ги промовираат, за да стимулираат и други да станат успешни, а и да се пофалат дека во државата создале услови за успех и развој.

Таков е на примерот со 24-годишниот Дрин Ахмети од кичевски Зајас – екстремно успешната приказна за млад човек, на кого позитивната бизнис клима во Македонија му овозможила да стане еден од сопствениците на огромниот и репрезентативен деловен центар Соравија во Скопје. Младиот бизнисмен со звучно презиме не избегал од државата како дузина негови врсници, кои масовно се отселуваат оти не гледаат можност за успех. Тој видел, развил успешен бизнис (овозможен од позитивната бизнис клима која ја создава владата) и до своите 24 години успеал да „сврти“ милиони евра.

За жал, со оваа позитивна приказна, премиерот Ковачевски не беше запознат. Не знаеше ништо да каже, не сакаше да се пофали, да ги поттикне и другите млади да тргнат по овој пример – да останат во Македонија, да се борат, да творат и да се збогатат. Срамота за неговите ПР соработници кои не го запознале досега со овој случај. Срамота и за него што не се заинтересирал повеќе оти успехот е голем – се купува огромна зграда спроти Парламентот.

Но, овој случај не е единствениот за кој Премиерот не е информиран. Тој не знаеше ништо ниту за струшкиот градоначалник Мерко, на кого мерка му зема американската администрација и го стави на црната листа. Ковачевски се чудеше како е можно на илјадници километри од Македонија, некој да има информации за корупција на македонски функционери, а нашите институции тоа да не го гледаат. Дури и јавно поставуваше прашања до институциите. Пак ли не знаеше дека ги прашува и дел од институциите на кои тој им е индиректен прв шеф! Премиерот не требаше да прашува, туку тој треба да биде прашан и да одговори: како тој не знаел за ова? И не само да одговори, туку и да одговара!

Но Ковачевски во минатото покажа дека и за други работи „не е информиран“ или „не знае“. Тој не знаеше ништо поконкретно ниту за договорот за новите автопатишта. Кои се фирмите надгледувачи, кои македонски експерти ќе вршат надзор за суми од по 30.000 евра месечно…

Може ли Премиер да биде успешен ако многу често не знае што се случува во земјата што ја раководи? Колку време Македонија треба да чека за Премиерот нешто да знае?

Од друга страна токму Ковачевски се нешто чека!

Еве, се уште го чека ВМРО-ДПМНЕ „уште два-три дена“ за да се согласел на уставните измени, а од лидерската средба помина еден месец и од опозициската партија секој ден по 3 пати повторуваат дека нема да се случат измените на Уставот по концептот на власта. Ама и покрај тоа Ковачевски го тера Маричиќ секој ден да се јавува во ВМРО-ДПМНЕ и најавува дека ќе чека уште два-три дена. Ќе поминат уште два-три месеца, а тој се уште ќе чека.

Премиерот чека и странците да му ја завршат работата со внесувањето на Бугарите во Уставот. Се жали кај бриселските пријатели и ја кодоши опозицијата дека е против ЕУ интеграцијата на државата. Тој чека на дипломатите да ја „скршат“ опозицијата, за тој да ја вкуси победата на неговата замисла.

Ковачевски повеќе од една година чека и нешто неодредено, нешто „вау“ да се случи со економијата во Македонија, а ништо не прави на таа тема. Чека некој со магично стапче да ја скроти инфлацијата, да ги намали цените и чека некој како во цртаните филмови, со клик на прстите да му наполни буџетот со златници.

Значи Ковачевски е човек кој „не знае“ и „чека“.

Поради сето ова и се повеќе граѓани на Македонија чекаат – Итни парламнетарни избори!