Новите скопски градоначалници го раситнуваат мандатот. Уверуваат дека се фатиле со работа, се сликаат, чистат диви депони,.. Убаво! Некои почнаа и да објавуваат што затекнале во општините: големи долгови, непланско работење, пренатрупаност со вработени што воопшто и не доаѓале на работа…
Но, не е доволно само да објават дека нивната општина должи толку и толку милиони евра и дека сметката е празна, треба да утврдат и во кој период настанале обврските и за што. Не е сеедно дали некоја општина се задолжила за реконструкција на улица, водовод, училиште… или за покривање на платите на они кои ги лоцирале како вработени што не доаѓале на работа.
Претходните градоначалници воопшто не се потрудија да дадат отчет за своето финансиско работење и да ги информираат граѓаните како во минатите четири години се трошени општинските пари. Затоа тоа треба сега да го сторат новите. Веднаш да направат ревизија и јавно да ги презентираат резултатите.
Но, пред се, на општините и на Градот Скопје под итно им треба и друга ревизија – на Деталните урбанистички планови, како и на сите дозволи за градба кои се до сега издадени. Притоа, додека се чекаат овие резултати, мора да се замрзне издавањето на нови градежни дозволи, А каде е можно да се стопира и градењето. Бетонот на многу места во Скопје е навистина вишок, а баш таму најмногу се додава. Доста е од такво градежништво.
Скопје не станува така поубаво, туку станува само место каде некои се богатат убаво на сметка на нарушениот животен простор. Наивно е да се запрашуваме дали и Скопје е заложник на градежната мафија и на интересите на бизнисмените кои ја бетонизираат Македонија. Сега треба да се запрашуваме кога тоа ќе се стопира. И не само да се запрашуваме, туку и да инсистираме урбаната мафија да биде потисната.
Вчера во центарот на Скопје почнаа да се градат облакодерите кај ГТЦ, за кои јавноста бурно реагираше последниов период. Од општината, од новиот градоначалник нема реакција, инвеститорот вели дека дозволата за градба му е уредна и според ДУП-от, а и комуналиите уредно ги платиле. Верувам дека е така, но тогаш проблемот треба да се бара во ДУП-от, во тие што го донеле, но и во тие што ја испуштиле можноста да го сменат.
А во Скопје, не само во последните четири години, туку и пред тоа се градеше немилосрдно и по несоодветни планови. Стихијната урбанизација донесе незадоволство кај граѓаните, протести, петиции, караници, пренатрупани населби и бетонизација… А причината за тоа се ДУП-овите кои ги носеа општините, а ги аминуваше Градот Скопје. Примери со пренатрупани населби во Центар, делови од Аеродром, Расадник… доволно зборуваат дека одлуките се носеле повеќе во интерес на градежните компании, отколку на граѓаните.
Претходните градоначалници четири години не го слушаа гласот на народот, си тераа по свое. Затоа народот на изборите си го кажа „своето”. А новите или ќе променат нешто или ќе тераат по старо… и ќе го чекаат народниот глас по 4 години.