Еј чудо се случи во Македонија! Видов двајца работници на одамна започнатиот да се гради пат Кичево – Охрид. Замислете, дури и работеа. Конечно по пет години, тргнаа работите. Ме изненади тоа што работеа само двајца на целата делница, но си реков: ако, нека продолжат вака, можеби ќе успеат за 30 години да го завршат, па Владата ќе може да се пофали дека изградила барем еден автопат. Но дали оваа Влада ќе издржи уште 30 години? По последните случувања во Парламентот, некако како да сакаат сите да не уверат во тоа. Доволно е да убедат уште неколку пратеници од опозицијата „дека Македонија само што не добила датум за преговори”, па да си изгласаат вечност. И редовните избори може со гласање да ги одложат за 30 години само треба да натераат неколку пратеници да сменат дрес. Ете, дотогаш и охридскиот автопат ќе биде завршен, а ветија дека и дел од автопатот кон Косово (цели два километра) ќе е готов.
Шега е ова, ама признајте дека СДСМ сака да биде реалност. А реалноста вели дека на Македонија навистина и се неопходни автопатишта и градежна офанзива во тој сектор, но на државата и е потребна и политичка стабилност. Тоа е основата за добар економски развој и напредок. Македонија е во сериозна политичка криза и треба промена, а таа може да се случи на брзи избори или со техничка влада во идните 5-6 месеци. Затоа се потребни сериозни пратеници, луѓе со став, на кои им е побитен развојот на државата, наместо личните пазарења со власта. А затоа потребна е и итна промена на изборниот модел!
Пред локалните избори се пропушти да се променат три работи: градоначалник да се избира во еден круг, отворени листи за советници и да се намали бројноста на советите. На општините им требаат мали, функционални и компетентни совети, а на граѓаните не им требаат пазарењата меѓу двата круга.
Затоа, сега не треба да се пропушти можноста да се смени изборниот модел за следните парламентарни избори: Македонија една изборна единица, отворени листи, па нека се намали и бројот на парламентарци.
Што ќе добие македонската демократија со тоа?
Прво разноликост, еднаквост и вистински Парламент каде се вкрстуваат потребите и идеите на поголем дел од населението, а собранискиот состав ќе биде реална слика за расположението на граѓаните во Македонија? Зарем треба и понатаму многу гласови и идеи на граѓаните да бидат оставени пред собраниските порти, само затоa што имаме изборен модел кој форсира успех само за најголемите? Вака многу мали партии и граѓански листи ќе имаат можност да добијат пратеник – два, па ќе бидат коректори на големите партии, заштитници на демократијата и чувари на државата.
Второ, со отворените листи народот ќе гласа за оној што смета дека е најдобар, а не за оној што партискиот врв оценил дека е најдобар. Па партиите навистина ќе се трудат да предложат кандидати со завиден општествен стаж и со почит во средината, докажани професионалци. Ако во Парламентот има луѓе со став, пратениците нема да бидат обична гласачка машинерија, туку ќе се спротистават и на партиските политика ако гледаат дека се погрешни. И што е побитно таквите пратеници нема да се самокиднапираат или сокриваат во клучните моменти.
Треба да се размисли и да се намали бројот на пратеници, но и да се исклучи можноста за предизборно коалицирање, за да се добие вистинската слика колку која партија вреди. Така многу од вечните „коалициски приврзоци” и „човек партии” кои никогаш не излегле сами на избори, а се дел од секоја власт, ќе бидат принудени да работат нешто, да нудат програми и идеи или да самозатворат.
Ете тоа е патот по кој треба да тргнат партиските лидери, особено оние од власта, да покажат единство за доброто на Македонија, за развојот на економијата, за просперитетот на граѓаните. А овие од власта запнале да прават единство со преземање на пратеници. Голема грешка. Тоа единство не е единство.