Home КОЛУМНИ Има ли и други „Стојковци“ во Заевото друштво?

Има ли и други „Стојковци“ во Заевото друштво?

0
Има ли и други „Стојковци“ во Заевото друштво?
За приказната во која Стојко – директорот на „Пазарна” е главен херој сите ние сме виновни. Дозволивме (со ретки негодувања и тоа само на фејсбук и на твитер) оние кои не владеат во последната деценија до толку да ја испартизираат државата, па ситуација која е вообичаена во нормални демократии, кај нас да се доживува како „светско чудо”.

Стојко крена глас! И тоа е добро. Не е важно зошто сега и дали можеби доцни. Дали на Стојко му дојде „преку Заев” и се освестил дека има карактер или пак е дел од внатрепартиски борби и прегрупирања? Но, јавноста што отворено го поддржа очекува да се појават и нови „Стојковци”. Ете тоа е важното!

А тие нови, потенцијални „Стојковци” притаени се, распоредени по партиски клуч и список од општински штаб, на стотици раководни места во државата, молчат, извршуваат и слугуваат. Тие се уште се само „Стојковци“ кога си разговараат самите со себе, шепотејќи си дека „не ја бива работата” и дека нивната партија „не го остварува тоа што го ветила”. А јавно си траат и потврдно климаат со глава на „шефот“, чувајќи си ја сигурната буџетска платичка, додека многу поквалитетни кадри се надвор, без работа или вработени како келнери и таксисти.

Важно е и дека Стојко уште еднаш потсети на главниот проблем на Македонија во последните 15-тина години во Владата, во министерствата и во државните институции се вработуваа(т) партиски кадри, без трошка соодветно образование и работни способности, а исчезнаа професионалците, способните организатори и менаџери од средно ниво, оние кои се носители на сите процеси во секоја нормална држава. Се ѕида секојдневно администрацијата со партиски вработувања, кои и по промената на власта, остануваат, а способните ги нема. Тие ги избркавме по цела Европа, Австралија и Америка. Тие не ни требаа, затоа што мораше да се ослободи место за лепачи на плакати, викачи по плоштади и фејсбук лајкувачи.

Важна е и реакцијата на Премиерот. Најави пред некој ден, а речиси сигурно денес Стојко ќе биде разрешен од функцијата. Дали така треба да постапи? Со тоа „шефот” ќе покаже сила, ќе ги замолчи сите идни Стојковци, но за жал и ќе покаже дека повеќе не е подготвен да трпи критики и различни мислења. А на министрите и директорите ќе им покаже дека повеќе не му се соработници и партнери, туку послушници и извршители. Ќе им се обраќа со вперен прст кон нив: „Се сеќавате ли како помина Стојко!?“ А тоа ќе значи постепено поставување на мека диктатура каде шефот знае се, а другите треба да слушаат. Додуша на шефот од време на време еден друг шеф од Мала Речица ќе му каже како треба и толку. Сите други ќе стојат мирно. Е за тоа ли се боревме бе друже Заев?

А народот? Е тој ќе си чека некои подобри времиња, понародски политики, а дотогаш спасот ќе го бара во иселување надвор од Македонија. И ако на Стојко му дојде „преку Заев”, на сите нам ни е „преку Стојко” од нивното владеење – и од актуелното на СДСМ и од тоа претходното на ВМРО-ДПМНЕ. ​