На Скопје му фалат многу работи! Недостига повеќе зеленило, уредени паркови, содржински детски љуљашки, маалски спортски терени… На македонската метропола многу и фали и улична хигиена. Ама па затоа на Скопје не му фали некултура и вандали, кои, како едвај да чекаат да се постави нова клупа или нов кош за да ги испокршат.
Шетав викендов низ Парк. Се згрозив: клупи искршени, споменици исшкртани, уништени дрвца, ѓубре насекаде… Ете затоа на Скопје му фали и поголема одговорност на граѓаните кон заедничките добра. Скопјани плаќаат, ама и преплаќаат поради лошите скопјани. На местото за една клупа по три купуваат и пак нема каде да се седне.
Очигледно дека на главниот град му фали и комунална полиција, која ќе ги лови и санкционира уништувачите.
Земав да прочитам до каде е со идејата за комунална полиција, како по примерот на останатите градови во Европа. До никаде! Најавено е во програмата на Владата уште во 2020 година дека за една година ќе почне да функционира. Најавено е и од поранешниот градоначалник дека во неговиот мандат некултурата ќе ја санкционираат комунални полицајци. Ништо од тоа! Ветувањето на Шилегов се изгуби изгледа во тунелот под Калето што исто така го вети. Еве и денес, втора година од мандатот на сегашниот состав скопски градоначалници – оваа идеја е се уште само идеја. И Арсовска ли ќе биде како Шилегов?
Додека читав за комуналната полиција во очи ми паднаа и бројни текстови за опожарени видиковци, искршени светилки, контејнери во пламен… И не само во Скопје, туку во сите градови низ Македонија. Дури постојат и групи на социјалните мрежи каде што вандалите се фалат за своите подвизи.
Во очи ми паднаа и примери од градови во другите држави. Поинаку е! Таму си ги чуваат парковите, клупите, светилките… Чисто е! Си ги почитуваат своите градови.
Сепак да потенцирам, решението е и во самите скопјани. На сите потребна ни е поголема свесност, дисциплина и почитување на околината и предметите што заеднички ги користиме. Ова особено важи за младите, на кои им треба советувања, укажувања, па ако е потребно и санкции за да се научат дека клупата не е од дедо им или од татко им за да ја кршат кога ќе посакаат. Кој уништил клупа, кој запалил контејнер – нека биде казнет и нека си ја плати штетата. Знам дека мојот став е ригорозен, ама само така на вандалите ќе им дојде умот.
Затоа комуналната полиција е потребна веднаш. Затоа што комуналните инспектори што сега постојат во Градот се недоволни. Ги има само петнаесетина. Прашање е и дали и тие доволно си ја вршат работата. Оти лани во првата половина од годината имало нешто над 150 казни за прекршители. Тоа му доаѓа по десетина санкции за пола година од еден инспектор – или комуналните инспектори казнувале по еднаш на секои 20 дена. Што работеле во останатите денови? Немало причина за пишување казни?
Надлежните, и на локално и на државно ниво исто така треба да дадат свој придонес – пример како треба граѓаните да се однесуваат кон заедничкиот имот. Оти тие гледаат како многу скопски улици се асфалтираат, па по неколку месеци пак се прекопуваат и одново се асфалтираат. Расфрлање пари! Од желба за некој процент плус, од желба да покажат дека нешто работа или од нестручност, не е важно – важно е дека тоа е лош пример за обичните граѓани.
Клупите не можат да зборат, но нивното уништување доволно збори за некултурата која не опкружува сите нас и фактот дека не се презема ништо тоа да се смени!