Неколку месеци веќе општините и градот Скопје имаат нови градоначалници. Удрија веднаш да ги исчистат дивите депонии и улиците од ѓубрето – наследство од неработењето на претходниците. Но ги подзакочи едно друго наследство – преголемо задолжување.
Почнаа новите градоначалници ударнички, па застанаа – почнаа да „офкаат” дека нема пари, дека општините се презадолжени, дека недомаќински се планирало, се потпишувало разни договори и се трошело како „да сме Швајцарија”. И нивните претходници пред четири години истото го правеа – „врескаа” дека општинските каси биле празни, а згора на тоа и наследиле огромни долгови. Но, ни тие, ниту пак овие, не излегоа пред јавноста со она што народот сака да го чуе: кој точно задолжувал, за што се трошеле парите, со какви се обврски се товарела народната каса. Зошто тоа не се направи?
Еве на пример, скопската градоначалничка Арсовска, пред некое време драматично ги информираше скопјани оти Градот е презадолжен, во дупка е од 160 милиона евра. И Шилегов кога дојде пред четири години го направи истото – ги обвини претходниците дека финансиски го масакрирале градскиот буџет. Но ни тој, ниту сега Арсовска не излегоа со она што скопјани сакаат да го слушнат: за што е презадолжено Скопје? Ние, граѓаните сакаме да го знаеме тоа, со точни спецификации, со датуми, со имиња на фирми преку кои се празнел буџетот… Дајте бре, наши градоначалници еднаш без ракавици, без оградувања и без плашења да ни биде кажано за што се трошат нашите пари. Оти 160 милиона евра не е играчка. Со нив Шилегов можеше и фараонска палата да изгради на Кале. Тоа се речиси двегодишни буџети на Градот. Со обични зборови кажано, тоа значи дека Скопје во следните две години треба само да собира пари, а да не работи ништо (да не исплаќа плати, да нема јавен превоз, училиштата да се без грење…), за да може да се извлече.
Во екот на изборната кампања за локалните избори се постави и прашањето за парите од продажбата на Градската куќа. Шилегов ја продаде за 12,7 милиона евра, ама парите не знаеме кај отидоа. И Арсовска во изборната кампања го поставуваше тоа прашање. Го постави и веднаш по преземањето на мандатот. На ова, меѓутоа, немаше одговор од Шилегов. Со тоа и дилемата остана во јавноста: каде, всушност, завршиле парите? Дали се на сметката во градскиот буџет, дали на некоја друга посебна сметка, дали се потрошени, дали нешто е останато…? Шилегов по изборите молчи и не одговара на ова важно прашање. Но, Арсовска веќе 4 месеца е градоначалник, па можеше белким досега да открие каде отишле парите.
Оттука се поставува прашањето: има ли граници задолжувањето на општините? А посебно прашање е како се дозволува толку големо задолжување? Излегува дека некои градоначалници може слободно да се задолжуваат со милионски кредити без каква и да е надворешна контрола или ограничувања, но и одговорност. Односно, дека нема никакви правила за задолжување кое може да биде направено во текот на еден мандат. А потоа, големиот долг станува проблем по кој се бара помошта на државата која немо гледа на тоа. Особено ако градоначалникот не е од нивната партија.