Македонија неодложно треба да ја заплисне силен инвестициски бран. Нови фирми, нови производи, нови вработувања… Тоа е неодложното, тоа е она за што власта требаше многу да сработи. Без инвестиции нема раст на економијата, а без тоа нема раст ниту на другите општествени гранки.
Се сеќавате ли како ветуваа дека странски инвеститори ќе направат гужви на македонската граница? Според уверувањата од Заев и Ковачевски ние требаше сега да имаме редици на инвеститори слични на оние за нови пасоши. Ама…
Туку, мене ми е зборот за нужноста земјава да има и домашни инвестиции. Има Македонија способни луѓе, само треба да им се даде поддршка и да им се направи плоден терен за работење. Го направи ли тоа владата на Ковачевски?
За да не биде болен одговорот на моето прашање ќе тргнам иронично: Не сум знаел дека ептен шема премиер сме имале. Како средношколци – фраерчиња што бегаат од час за да висат во кафулиња, така и Ковачевски „бегал“ од состанок со македонски бизнисмени за да си „тера кафиња“ во Трибека. Вака, според Стопанската комора се одвивала една неодамнешна средба во владата. Премиерот го почнал состанок, се извинил дека има друга важна средба, им дал насока на министрите и фатил магла. Ама и министрите не биле нешто заинтересирани да ги слушнат проблемите и предлозите на бизнис заедницата. Па затоа што знаеле дека важниот состанок на нивниот шеф е во скопско кафуле. И тие брзале да фатат малку сонце.
Оваа го отсликува и комплетниот однос што сегашната власт го има кон македонскиот бизнис сектор во последните 6-7 години. Поважно им беше да уживаат со кафенце на сонце, отколку да слушаат за реалните проблеми во економијата во Македонија. А многу полошо е и тоа што власта повеќе милуваше странско сонце да ја грее, отколку да создаде услови за домашните потенцијални инвеститори. Па затоа со бројни странски компани (демек инвеститори) договараше зделки, потпишуваше договори, ветуваше поволности, што во најмала рака создаваа сомнеж дали се во интерес на развојот на домашната економија или во интерес на провизиите на функционерите. Не велам дека сите странски инвестици во овие години (и покрај тоа што се премалку) се сомнителни, но затоа треба сите договори да се ревидираат, штетните да се раскинат, па одговорноста да се бара кај потписниците од владата.
Затоа идната влада ќе го нема луксузот „мир во првите 100 дена“. Уште од првиот ден ќе мора сериозно да се фати за работа. Преку ревизијата на сите сомнителни зделки (најчесто со „европско“ знаменце) треба да ја поврати финансиската, енергетската и урбанистичката независност на државата…
Од тука треба да се почне со заздравување на македонските темели. Па да се донесат сериозни инвеститори, а не како онаа со тетовската фабрика за елекрични автомобили или како со гасната централа на Митилинеос. Но, што е уште поважно, покрај кон странските компании, идната влада мора комплетно да се отвори и кон домашните, нешто на што сегашната власт заборави.
Странските инвестиции се добро, но домашните се неопходни. А нив речиси и да ги нема. Вложуваат најжилавите – епа на тие треба да им се помогне, како и на оние кои имаат добри идеи, а немаат доволно можности. А да се запре поддршката на некој истакнат член на владеачка партија, оти малку од нив Македонија има фајде. Оти на нив, на нивните, владата многу сака да троши државни пари, а за другите, за обичните инвеститори државата не води сметка, нема правна стабилност, даночната политика не е константна, а рекетари и митаџии вријат на секој чекор. Е сега замислете сте се задолжиле, сте направиле проект и сте инвестирале и на грб ќе ви се закачи некој од власта. Или ќе платите рекет или ќе ви го затвори бизнисот. Е затоа нема домашни инвестиции.
Среќа, за помалку до 3 месеца имаме избори, анкетите покажуваат дека сегашната власт по 8 мај ќе има доволно слободно време по цел ден да си седи по кафулиња и да се печи на сонцето, а идната влада да извлече поука како не треба да се однесува со македонските бизнисмени. Оти сепак македонското сонце може поубаво да грее од било кое друго.