Ветување постојано постојано се дава, но…
Патот за Меџтилија за нас е од големо значење но моментно се наоѓа во фаза на распаѓање, никој ни со прст не мрда, вели Зоран Павловски
За 22-километарскиот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија битолчани ги врзуваат убави спомени. Во едно не толку дамнешно време по него често одеа во соседната држава, во Лерин… Но, оттогаш многу нешта се сменија: блокади, забрани, „црни листи“, ембарга… кои се случуваа во македонско – грчките односи направија одењата во соседниот град да не бидат толку чести. Но, чести станаа доаѓањата на леринчани во Битола: на пазар, за поевтини стоматолошки и други медицински услуги, козметичари… А во сета ова променливост во изминативе неколку децении остана една константа: асфалтниот пат од градот под Пелистер до граничната рампа постојано си пропаѓа поради неодржување. За оние кои мораат да поминат по него, патувањето стана вистинска одисеја. Дупки, асфалт кој се распаѓа, слаба сигнализација, необележаност… сето тоа е собрано како опасност по сигурноста на возилата и патниците. Зошто е вака? Зошто не ги исполнија ветувањата дека ќе го направат патот?
-Патот за Меџтилија за нас е од големо значење, но моментно се наоѓа во фаза на распаѓање. Никој ни со прст не мрда, барем дупките да ги пополни. Иако ни беше ветено ништо од поправката. Доцни, доцни, неоправдано многу, ни вели битолчанецот Зоран Павловски.
А ветувања дека ќе се подобри патот имаше многу. И не само дека ќе се поправи, дека ќе се закрпат дупките туку и дека ќе стане „експресен“ пат. Пред две години тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески најави дека се обезбедени 2,5 милиони евра европски пари за рехабилитација. Работите требаше да започнат напролет лани, но оттогаш помина цела година и од поправката ништо!? Со ветувањата продолжи и неговиот наследник Благој Бочварски кој неодамна рече дека прво се размислува да се заврши патот Прилеп – Градско, а потоа да се пристапи кон градбата на автопатот Прилеп – Битола и на изградбата на експресниот пат Битола – Меџитлија. Најави и дека за тој пат ќе се распише и тендер за рехабилитација, дека ќе се гради обиколница околу Битола, но, кога сето тоа точно ќе започне – не кажа. Дури не се искористи ни кризата со корона вирусот со која веќе околу година и пол овој пат кон граничниот премин практично и не се користи за да се почне со градежните работи – барем да се закрпи.
-Патот кон Меџитлија е како во „поствоена зона“. Инаку, три децении доцни поврзувањето на Битола преку Прилеп до Градско или Велес со постоечкиов автопат “Пријателство”! Во најмала рака безобразен е начинот на кој се третираат жителите на Битола со понижувачкото бесконечно ветување за некакви големи патишта кои после избори остануваат дури не ниту на хартија само некаде во воздухот, револтиран е битолчанецот Никола Пројчески.
Во меѓувреме, маките на битолчани, но и на сите оние транспортери и други граѓани кои мора да поминат по овој пат продолжуваат. Но, не е проблем само овој пат, не профункционира ни железничката линија од Битола за Грција, до Крменица, иако веќе е одбновена од пред две години!?
Нецелосна реконструкција до Демир Хисар
Соговорникот Пројчески посочува дека е во лоша состојба и патниот правец од Битола кон Демир Хисар и понатаму кон Кичево.
-Треба да видите како е реконструиран патот од Битола до Демир Хисар…Ужас! Прво се зборува цело време дека е до Демир Хисар, а во суштина е само половината и згора на тоа импровизирано до крај!! Апсолутно мислам дека се ова води до колективно чуство на затвореност и гледање на Битола како на слепо црево, потенцира тој.
Извор: skopskoeho.mk
Линк до објавата