Home КОЛУМНИ Ќе има ли полициски час за странските ТВ канали?

Ќе има ли полициски час за странските ТВ канали?

0
Ќе има ли полициски час за странските ТВ канали?

На странските ТВ канали ги нема министрите од нашата нова Влада да мудруваат и кажуваат што се сработиле за доброто на сите нас. Може затоа Владата и ги игнорира, а им зацрта и црн екран во Македонија, кој треба да ги покрие од следниот понеделник. Ова можеби делува прешокантно, ама нема друго логично објаснување зошто и покрај приближувањето на денот кога сите во Македонија ќе мора да гледаме само неколку македонски канали – Владата не реагира и не си ја поправа грешката за да го спречи тоа.

Па нели тргнаа да се борат против дивоградбите, што тогаш чекаат со дивоградбата на поранешните министри Дамјан Манчевски и Роберт Поповски – Законот за медиуми, во делот за реемитувањето на странски канали преку кабелските оператори. Тој се уште е на сила!

Приучените ѕидари со импровизирани и дневно политички наметнати решенија, изѕидаа Закон со нелогичности, неприменлив и надвор од секакви европски принципи за медиумска регулација. Техничката влада увиде каков хаос направија ѕидарите, ја призна штетноста од законското решение и за време на вонредната состојба со неколку Уредби да ја пролонгираше примената. Но, дејството на последната Уредба истекува на крајот на овој месец, а Владата остава црниот екран да биде последица, на штета на граѓаните, на демократијата и на медиумската разноликост. Од почетокот на ноември ќе се навикнеме задоволството да го бараме во турските серии на домашните канали.

Зачудува незаинтересираноста на властите да се реши ова: изборите поминаа, има Влада, има Собрание, но очигледно нема капацитет, решителност и желба да се затвори ова прашање.

Овој проблем е присутен со години, откако владата на СДСМ одлучи да биде поразлична од онаа претходната на ВМРО-ДПМНЕ и да прекине со „истурање” на милиони во медиумите, особено во телевизиите. Но, телевизиите си го бараа „своето”, а на власта и беше потребна нивната наклонетост. Па така на двајцата ѕидари им текна, наместо од државата, симпатиите на телевизиите да ги купуваат со пари од кабелските оператори. „Едно евро” за секој претплатник ќе плаќаат месечно кабелските на петте национални телевизии (Канал 5, Телма, Алсат М, Сител и Алфа) е решението што го најдоа.

Операторите да платат, а „ѕидарите“ по телевизии да клатат.

Нормално, кабелските оператори не се согласија, затоа што тоа е надвор од секоја економска логика и буквално финансиско газење врз нив, што ќе доведе до затворање. И трас, токму на денот на распуштање на стариот парламент добија „честитка” со измени во Законот, со кои е практично невозможно да се регистрираат странските канали. Класична уцена кон кабелските за да го прифатат пазарот: или „едно евро од претплатник” или „ѕидарскиот закон” и црн екран.

Зошто ќе нема странски канали? Едноставно, затоа што за да добие регистрација во Македонија, каналот мора да приложи изјава заверена на нотар дека ги има регулирано сите права. Ова правно не е спорно, напротив дури и потребно е заради заштита на авторските права, но со вакво решение практично не е изводливо. Затоа што кој било директор на странски канал што сака да се реемитува кај нас ќе треба минимум 50 пати во година да потпишува на нотар изјави за секој македонски оператор поединечно.

Сепак правно спорно е што таква изјава треба да потпише и директорот на операторот, на кого му се наметнува обврска да гарантира за права на програми што не ги произведува, туку само ги реемитува, а за тоа да сноси кривична одговорност. Ваквата обврска е спротивна од директивите и препораките на Европската Унија, но и на основните принципи на радиодифузна дејност и медиумска политика утврдени од Унијата.

Сето ова им беше објаснето на ѕидарите, ама ним им беа поважни други работи.

Кабелските оператори се борат да не ги остават граѓаните без странски канали, но Законот мора да го почитуваат. А додека тој е на сила, овие канали во Македонија ќе ги нема!

Каде е решението?

Собранието има рок уште неколку дена да ги избрише спорните одредби од Законот, а потоа без притисок од рокови да се отвори јавна расправа, да се добијат стручни мислења и пред се да се искористи праксата на ЕУ, за да се изгради квалитетен закон, применлив и уставен. Во спротивно по викендов, Македонија ќе биде првата држава во Европа каде што ќе се гледаат само домашните канали.

Владата го сака ли тоа навистина? Зарем ќе воведе полициски час за странските ТВ канали?