И во оваа кампања ги слушам кандидатите за скопски и општински градоначалници како спортот им бил многу важен. Многу ќе направеле за младите да спортуваат. Така велеа и овие што сега се во фотелјите, а некои и пак се кандидати, па само си ја продолжуваат приказната.
А што тие подразбираа по спорт во минатите четири години? Најгласни беа околу кошарката. Не разбрав што толку запнале да се мерат чиј кошаркарски клуб е подобар? Работнички ли е, МЗТ или ФМП? А порано и Карпош Соколи им се мешаше во есапот. Финансираа со општински пари клубови во кои се вршеше „набавка” на просечни странски кошаркари, а децата од „нашето маало“ – талентите, седеа на резервна клупа или на трибина. Странците, кои сега се колнат во боите на клубот, ке го заборават и Скопје и општината, наредниот ден кога ќе заминат, а нашите таленти уште на 18 години кошаркарски ќе се „пензионираат“. А ако им се даде шансата некое од нив сигурно ќе биде подобро од странците. И тоа ли е грижата на градоначалниците за спортот во Скопје?
Ама да е само оваа фалинка. Ајде што овие млади таленти не можат да играат во клубовите, не можат да играат ниту со пријателите уличен баскет на терените направени од општините. Еве прошетајте па ќе ја видите грдата слика на маалските игралишта за кошарка. Има терени, има и конструкции за кошови, но многу табли или обрачи се искршени.
И со одбојката е исто. Тук таму низ Скопје има терени. Вистина е! Но, освен на новото на песок во Аеродром, на другите ретко има мрежи. Е како ќе ја развиваме одбојката, која доби крилја благодарение на нашата одлична репрезентација. Што треба децата да прават: да играат и да си ја замислуваат мрежичка?
А големите фалинки да ги споменам? Не е проблемот само кај маалските терени, туку што и поголемите објекти се запуштени и не се во функција на спортот. Што е со лизгалиштето и базенот во Кале, салите Партизан, Расадник и уште многу други помали низ Скопје? А комплексот Сарај ќе се стави ли конечно во функција?
Знам дека оправдувањето ќе биде оти за некои од тие објекти надлежноста не е ниту на општините, ниту на Градот, туку на државата. А кој е државата? Па истите тие што во моментов заедно одат во кампања. Скопскиот и општинските градоначалници меѓу два митинга разговараат ли со премиерот и министрите за потребите на скопјани или само им е битно да се качат на бината и да си го кажат своето. Би можел Шилегов да му каже на Заев: „Слушај шефе имаме спортски објект што треба да се обнови и стави во функција. Градот ќе даде 30%, општината 20%, а државата да помогне со останатите средства”.
Еве на пример ако беа посветени на спортот, досега требаше во Бутел да се изгради наменска сала специјално за теквондо и да им се каже на тренерите и на олимпискиот медалист: „Ве молиме тренирајте и донесете нови успеси на Македонија”. Затоа што овој спорт ветува дека и во иднина може да не радува.
Во минатата кампања ветија и спортски училишни и општински лиги. До кај сме со тоа? Тука е основата, каде што се просејуваат талентите и се насочуваат кон врвниот спорт. Спортот се развива со правење база меѓу учениците, ама за тоа треба да има услови со терени. Преку спортот ќе се поттикне натпреварувачкиот дух на учениците, ќе чувствуваат припадност кон екипата, училиштето, а истовремено децата ќе бидат здрави.
Уште има фалинки, но доста е кажаново од кое секој би требало да разбере дека не можеш да дадеш кош ако нема табла и обрач. Трчањето по изборни трибини по Скопје не е спорт!