Брзината на полжавот е главната карактеристика на одвивање на работите кои ги започнала државата. Примери за тоа колку сакаш. Еве еден драстичен:
Се очекува градежните работи да завршат во рок до 12 месеци. Вака, во септември минатата година беше најавен почеток на градежните работи на реконструкцијата на автопатската делница Петровец – Катланово на патниот Коридор 10 во близина на Скопје. Година дена подоцна, сега, на почетокот на септември работите се далеку од завршени. Раскопана делница, стеснета сообраќајница, поставени знаци, градежни машини, долги колони возила, загрозена безбедност… се и натаму секојдневние на оваа делница. Прашина и кал се менуваат. До кога, па нел се требаше веќе да е готово?
– Реконструкцијата предизвика потешкотии во одвивањето на сообраќајот кон Велес. Не временски, туку повеќе од безбедносни причини затоа што видливоста навечер и на дожд е никаква. Очигледно е дека ќе доцни завршувањето и тоа е неоправдано. Сето тоа е од неажурноста на изведувачите кои најчесто ангажираат подизведувачи и најверојатно никој досега не им ја активирал банкарската гаранција за навремено завршување на работите, ни вели граѓанинот Мите Сакалиев.
Политичарите, односно министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, кои од време на време ја посетуваат делницата, даваат изјави во кои се фалат со реконструкцијата, но веќе не спомнуваат кога ќе се заврши.
-Ова делница е дел од Европските коридори, за нас е многу значајна транзитна патна врска. Ова е начинот како да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат ако сакаме да ја одржиме стратешката позиција на земјава во делот на транзит на овој Коридор, изјави во април годинава Бочварски.
Наспроти ова важност, на теренот работите на одат така иако се работи за делницата долга само околу десет километри. Често се гледа дека на теренот не се ангажирани многу работници и голема механизација. Инаку, рехабилитацијата со проширување опфаќа 5, 1 километар од десниот и 4,7 километри од левиот коловоз на кој ќе се додаде уште една коловозна лента. Ќе биде потребно и да се изгради нов мост со три коловозни ленти над Ржаничиски канал.
-Скопско и се е мозно! Да не може за една година да се замени асфалтот на три – четири километри автопат да не е смешно би било трагично. Ова може да се направи многу побргу. Потребно е само подобра организација и повеке механизација и работници, смета скопјанецот Нехат Љужа.
Од изведувачите на работите нема најави дека работите наскоро би можеле да завршат. Наскоро доаѓа и зимскиот период во кој поради дождовите, студот и снегот… работите ќе бидат значително отежнати. Тоа ќе значи дека реконструкцијата може да се оддолжи и на пролет следната година. Со тоа и оваа мала делница ќе влезе во листа на патиштата за кои надлежните постојано зборуваат дека им се приоритет, а во реалноста но можат да ги завршат на време…
Извор: skopskoeho.mk
Линк до објавата