Ковачевски преку телевизија гледа што се случува во „неговата“ влада. Каков крај за надобудниот лидер од „Бихачка“! Кои зборови најбрзо ќе ви текнат, со кои, најсликовито би го објасниле владеењето на неговата и Заевата партија во последните 7 години?
Еве што прво мене ми дојде: попуштање, виткање „кичма“, компромиси на штета на државата, прифаќање на туѓи ултиматуми, усвојување на договори – добиени готови и напишани однадвор, одмакедончување на Македонците, самопонижување, ама и силење кон работниците, силење кон опозицијата…
Има и други зборови, еве како на пример, корупција, сомнителни тендери, злоупотреби на администрацијата, судството… со партиски вработувања, ама во оваа прилика ќе пишувам само за понижувањето на македонскиот народ, за кое СДСМ се потруди да го направи на „ниво“.
Најсвежото понижувањето сервирано од власта е со промената на личните документи. Прво, тоа не смееше да се прифати. Второ, кога веќе ја свиткаа кичмата не направиле анализа колку време е потребно за да се заврши целиот процес, а прифатиле датум до кога ќе важат постојните пасоши. Трето, не се подготвиле оперативно за да го испочитуваат рокот и четврто, не направија соодветна кампања за да го подготват народот. И последицата е – ново понижување, турканици и тепачки пред шалтерите за смена на личните документи. Исто како што беше во времето на Ковид пандемијата со вакцините. Се сеќавате и на тоа, нели? И секако за турканиците, Спасовски го обвини народот.
А притисоци, ултиматуми, „обландирани“ предлози за самопонижување, Македонија имаше од почетокот на осамостојувањето. Сите досегашни водачи на државата, претседатели и премиери, кој помалку, кој повеќе, покажаа дека имаат „кичма“ и наоѓале начин како да ги одбијат. Ама пред 7 години тогашниот премиер Заев го најави новиот курс на бродот Македонија: треба да ја „свиткаме кичмата“, а тој да биде „сидро што ќе влече напред“. И го направи тоа! Се наведна до земја пред странците. Неговиот наследник Ковачевски само продолжи да биде во таа поза. Море понекогаш беше и иновативен – „мешаше“.
Каде е денес Македонија? Дали сидрата Заев и Ковачевски ја повлекоа напред или ја закопаа во место? Дали престанаа маките и понижувањата на Македонците? Дали сме во ЕУ?
Одговорот на овие прашања е добро познат за мнозинството Македонци, на кои СДСМ им покажа како може и свиткан рбет да се скрши.
Го искривија рбетот на македонскиот народ, му го сменија името, историјата, учебниците… се откажаа и од грижата за Македонците во соседните земји, а како тераат – ќе дотераат и до целосно кршење на македонскиот идентитет.
Среќа за 3 месеци се изборите, па македонскиот народ, (оние со здравите кичми) има можност сето тоа да го казни. И да ги натера новите власти да се почитуваат самите, но да ги почитуваат државата и народот. И да знаат дека нивниот легитимитет потекнува од народот, а не од Брисел или од Мала Речица!