Да не ви се верува – Во Македонија постои фирма што произведува тревници за стадиони. Прилично успешно ја извезува македонска фудбалска трева низ цела Европа. Дури и дел од стадионите на Светското првенство што се одржа пред 6-7 години во Русија биле со „нашата“ трева. Неодамна дознав за ова. Многу пријатно се изненадив… ракоплескав на оваа успешна бизнис приказна.
И замислете покрај таква фирма – македонската власт дозволи да се срамиме со изораниот терен на кој ја пречекавме италијанската фудбалска репрезентација. Цела Европа пишуваше за тој срам. Додуша, на стадионот, кој други им го изградија, власта стави некоја „наша“ трева, ама не од онаа за стадиони, туку од онаа за селски пољани, каде што се игра селски, а не европски фудбал. Срамота!
Натпреварот Македонија – Италија уште еднаш на цела Европа и покажа како власта се грижи за успешното претставување на државата, колку е запоставен спортот и како не се вложува во иинфраструктурата. И не само сега, туку со години наназад тревникот на Арената е очаен. Така беше и при минатите квалификации за Светско првенство, кога капитенот на македонската репрезентација мораше да се срамува и јавно да им се извинува на романските и исландските фудбалери за ораницата на која играа.
Оваа негрижа го покажува односот на одговорните кон спортот. Го поставува и прашањето во што се вложуваат тие 15-16 милиона евра од буџетот на државата што годишно се издвојуваат за спортски потреби? Оти нешто ново не видовме, ниту е изграден некој капитален објект, ниту е нешто посебно инвестирано во осовременување на тренажните процеси, ниту пак е променета свеста на спортските функционери и на власта.
А може и поинаку! Еве нека прочитаат малку за да видат како останатите европски држави го ставаат спортот на пиедесталот на своите развојни планови. Оти спортот е бизнис, спортот е маркетинг, промоција… спортот е здравје.
За паралела само, Скандинавските држави во спортот, годишно трошат отприлика од 300-400 евра по глава на жител, а просекот кај најголем дел од европските држави е околу 200 евра. Во Македонија тој просек, за минатата година бил 8,5 евра по глава на жител спортски пари од државата. И уште гледаме колку тешко се наоѓаат спонзори и подржувачи, останува само да си ги поставиме прашањата, на кои одговорот е познат: Епа, што прави власта за спортот, освен што се фали дека прави? Епа како сакаме успех? Епа…
Нашите спортски радости, со многу ретки исклучоци, завршуваат некаде кај помладите генерации, каде што е најважен талентот. Потоа се поретко не има на светската спортска карта, оти негрижата на власта го угушува талентот, оти нема услови за за врвен спорт. Успешните тоа го прават со лични откажувања, желби, борби… и претежно со самофинансирање.
А таленти има, има и квалитетни тренери, може да имаме и успеси. Само ако има услови. Еве покажаа одбојкарите, ракометарите, кошаркарите, фудбалерите дека може Македонија да се „удри“ со поголемите, со поуспешните, со поразвиените. Покажаа и помалите спортови, оти не смееме и нив да ги заборавиме. Па колку сите се радувавме кога одненадеж на последните Олимписки игри теквондистите донесоа сребрен медал.
Неочекувано, заминаа тивко и – финале и медал. Нема да прашам што државата направи за нив пред Олимпијадата, оти знаеме дека не направи ништо, туку што направи по тоа? Некој тренинг центар? Не! Некоја кампања за да привлече повеќе млади деца да се зафатат со тренирање на овој спорт? Не! Организација на некои големи трунири? Не! И утре да не се чудиме ако на следните Олимписки игри не нема никаде во овој спорт. Освен се разбира, ако нашиот медалист, самиот не запне со своите тренери.
Нема доволно спортски терени. Не се одржуваат ниту тие што се изградени во минатото. Се е запустено! Тешки се условите во кои тренираат децата, но и врвните спортисти.
За жал тоа е ситуацијата околу спортот и оваа власт. За жал и лажните ветувања не се спорт, оти барем во тоа ќе бевме светски прваци.