Лоша комбинација – паразити и кредити

Што ви остана во сеќавање од владеењето на Зоран Заев? Знам, многу работи остави тој човек за паметење – промена на име на држава иако народот не го сакаше тоа, афери што ако ги наброиме, само поединечно, ќе ни треба цела страна од весник, бројни гафови… и секако многу празни ветувања. Еве да ви раскажам на што јас се потсетив деновиве: Планот за 8 милијарди инвестиции, помпезно обзнанен лани во мај. Инвестиции во ски-центри, енергетиката, патната, железничката и гасната инфраструктура, капацитети за преработка на отпад, најмалку 30 странски инвестиции… и што ли уште не?

Го пофалив Планот и тогаш кога се презентираше, го фалам и сега. Да бидам искрен го фалев, но и стравував – ќе го реализираат ли, ќе има ли доволно средства, а при тоа да не се презадолжиме… Што стана со големиот План? Најавија тогаш од владата дури и специјална единица за следење и спроведување. И од тоа ништо, а? И Планот и инвестициите, а богами и специјалната единица заглавија некаде.

Македонската економија одамна е во црвено. Се тркала малку нанапред, повеќе наназад – на резерва веќе со години. Инвестиции нема, јавните трошоци растат, а кусокот на пари претежно се обезбедува од задолжувања. Како што е и последново од ММФ – 530 милиони евра.

Кога пред повеќе од пет години, СДСМ ја презеде власта ги обвини претходниците дека ја довеле Македонија пред стечај, презадолжена, со ниско ниво на инвестиции, со нефункционален правен систем и со огромна корупција. Мнозинството им ја даде поддршката да ја спасат државата – сите да тргнеме кон развој. Но нивниот лидер – премиерот Заев наместо да биде развоен современ менаџер се претвори во стечаен управник.

И денес е исто, планови многу, ветувања секојдневни, инвестиции и изградба на патишта само во медиумите… Различен е само стечајниот – тој сега се вика Ковачевски. Но стилот на владеење си тера по матрицата: фалат пари – земи кредит, има некаде пожар – фрли паричка, од тие позајмените. Си тераат оти мислат дека Македонија се уште има капацитет да се задолжува и оти народот треба да ја плати нивната „визија“. Комотни се и затоа што најголемата опозициска партија како да е во ладовинка.

Ако се погледне последниот податок од Министерството за финансии, јавниот долг е нешто над 55% од БДП. Можеби, во однос на други поголеми држави тоа и не делува страшно. Но тоа не е единственот показател каде се движи економијата на една држава. Катаклизмичниот податок за македонската економија е кога ќе погледнат стапката на развој, сумата на инвестиции и за што се трошат позајмените пари.

Пак ќе потенцирам дека долгот од 7,2 милијарди евра можеби и не е преголем, проблемот е лошата економска политика на властите, непланското задолжување и што позајмените пари не ги зголемија приходите на државата, па Македонија се потешко ги сервисира обврските. А на светскиот пазар на пари, постепено се зголемуваат и референтните каматни стапки, по што ќе растат каматите на кредити. Уште потешко ќе биде во иднина. Ќе треба уште повеќе нови кредити за да се враќаат старите.

Лесно им е на Јапонија, Германија… да се задолжуваат, оти тие со кредитите создаваат развој на реалната економија, која носи профит од што се покриваат долговите. Во Македонија кредитите создаваат нов трошок – ново сидро кое влече надоле, а не како она на Заев кое ќе не влечеше напред!

А може и да се намали нешто од трошоците? Еве на пример, оној за паразитите во власта, како што ги нарече опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Исчистете ги од државниот буџет и еве една потреба од кредит помалку. Нека се преполоват пратениците во Собранието, нека се сведат општинските совети на минимум и нека се скастрат гломазните Управни и Надзорни одбори. Ете уште два кредита помалку. И доста со праксата премиерот да има педесетина советници (на повеќето име не сме им чуле), а министрите по десетина.

Што е и со последниот обид за потенцијална корупција на телевизиите преку експресната потреба за измените за Законот за медиуми. Се враќа ли политика на Груевски, од која сегашната власт се згрозуваше?. Обвинуваа дека тој им дава државни пари на телевизиите за да го сакаат. Сега тие ли имаат потреба од љубов? Ама таа љубов државата пак ќе ја чини 6 милиона евра годишно.

 А пари се знае од каде – нов кредит. Народот ќе го врати!