Не си фраер ако не возиш на државна сметка: сватови, митингаши, швалерки…

Што треба да имаш за да си главен фраер во Македонија? Па се разбира, бесна кола. А ако е плус и службена, тогаш си најголемиот и најуспешниот кој на државна сметка привлекува внимание од останатите. Таквиот фраер нема гајле што граѓаните го гледаат со презир, оти најчесто злоупотребува народни пари за да се возака наоколу.

Оваа аномалија на „фраерите“ не се смени, иако се сменија многу власти во историјата на независна Македонија. Сите се однесувале расипнички и со прекумерна злоупотреба на функционерските привилегии, божем сме најбогатата држава и божем од секое изворче ни тече нафта, а од секое рудниче се копа злато.

Раскалашеноста е толку голема што многу тешко може да се пресмета колку годишно не чинат службените автомобили: колкав е нивниот број, кој ги вози, дали има потреба и полезност за државата од тоа, колку чини нивната набавка, сервисирањето, регистрацијата, горивото…

Пред неколку години се раскажуваше за една функционерка со две позиции во власта, која задолжила два службени автомобила. Не била многу ука во возењето, па возилата биле паркирани пред зградата. Битно е соседите гледале дека функционерката е многу јака фраерка и може да има два државни автомобила. Среќа што не знаела да вози, па не трошела гориво, но сепак, додека автомобилите ја собирале прашината на паркингот, државата за нив плаќала: регистрација, осигурување, задолжителен годишен сервис…

Друг пример е со поранешен функционер, министер – фраер, кого полицијата го бркаше во ситните саати низ скопските улици, додека тој бркаше женски со службениот џип. А еден друг функционер – градоначалник од Источна Македонија со службениот автомобил шверцуваше цигари од Бугарија.

Најновиот пример е од минатата недела кога возач на министер со службениот автомобил тркнал на кафе на кејот покрај Вардар. И тој е фраер. Сепак кафето е послатко кога покрај себе ти е паркирано и министерското возило.

Примери за користење на службени автомобили за приватни и партиски цели се безброј: од годишни одмори, излети, партиски митинзи, свадби до шверцување на цигари и дрва за огрев. 

Зошто ова не може да се спречи? Па и тој што треба да ги лови фраерите е обично подреден на некој поголем фраер.

Затоа, потребно е веднаш да се направи попис на сите службени автомобили и половината од нив да се продадат. Од добиените средства да се купат комппјутери за децата во училиштата, да се уредат наставни кабинети, затоа што тие се нашата иднина на која треба да им се овозможат најдобри услови за напредок. Тие ќе создаваат нови добра за целото општество, па и за купување нови автомобили, но само доколку се корисни.

Потребно е и да се направи јасен правилник за тоа кој се треба да користи службен автомобил. Има на пример некои институции, кои не треба да имаат ниту функционер, а не пак да имаат службен автомобил за функционерот.

Потребно е и сите службени автомобили, освен за највисоките државни функционери, да се одбележат со регистарска табличка во друга боја. На тој начин сите граѓани ќе бидат вклучени во контролата на фраерите. Ќе ги сликаат и пријавуваат доколку ги забележат возилата на несодоветни места.

Потребно е и јавноста и медиумите да бидат фраери од друг тип и почесто да се пресметуваат со фраерите што не можат без службени возила.