Дедо Мраз одамна си отиде и ни ги остави политичарите да ни исполнуваат желби. Тешко нас… А што желби имаат повеќето од граѓаните? Да се натера инфлацијата да стивне, да се средува здравството и образованието, да не се прават нови предавства во Македонија, да… и во последно време посакуваат предвремени избори. Не очекуваат дека сегашната постава на власт може да им ги исполни најважните желби.
Арно ама двете политички групации имаат свои аргументи околу прашањето дали избори се потребни или не. За барањата на опозицијата не би трошел време да ги анализирам, освен дека треба да излезат од конфорната зона и повеќе да се потрудат желбата (своја, но и на многу граѓани) конечно да ја остварат.
Многу поинтересни за коментирање ми се аргументите на власта – зошто не треба сега да има избори. „Моментумот“ им бил важен! Сега бил тој моментум за да се надогради соработката со ЕУ, да се почнат преговорите (а цело време лажат дека се почнати) со тоа што ќе се обезбеди мнозинство за промена на Уставот. И така, министрите од јули минатата година живеат во моментумот за ЕУ и толку. А гледаат ли тие во каков критичен моментум е Македонија? Што правиме со тоа? Инфлацијата не разјадува, корупцијата не дотепува, развојот на државата шлајфува во место, стопанството кризира, младите се иселуваат, инвеститорите не заобиколуваат, а народот се повеќе осиромашува. Но, за нашата власт тој моментум сега не е важен. Кој ја шиша Македонија и народот, оти тие јасно се определија својата сила да ја црпат од Брисел, а не од сопствените граѓани.
А македонските граѓани очекуваат нешто да се смени. По можност уште пред летните одмори, за новата власт да има можност да се подготви за следната зима, која исто така ќе биде тешка како и оваа. Нужни се избори годинава затоа што:
Прво, владеачките партии во последните шест месеци се занимаа само со себе. Ги решаваат проблемите и фракциите во партиите. Нив државата им е во втор план. Гледате дека Ковачевски и Ахмети веќе не се трудат на целиот народ да му објаснуваат што работат, туку на затворени партиски собири само за своите истомисленици, убедуваат дека многу работат. Ама голем дел од сопартијците веќе не им веруваат.
Второ, повеќе ги интересира како да се промени Уставот, отколку како да се изнесат македонските граѓани на прав пат, преку пресретнување и амортизирање на постковид негативните економски ефекти, како што тоа го направија останатите земји од Европа, вклучително и соседите.
Трето, инфлацијата и ценовните шокови се далеку поголем проблем во моментот, отколку како да купат некој пратеник или цела партија за да имаат покомотно мнозинство Да, Владата навистина дава помош за зауздување на ценовната спирала, ама ефект нема оти нема контрола на даденото и сите сили им се усмерени кон зголемување на владиното мнозинство.
Четврто, иселување и на младите и на возрасните од Македонија не запира. Мерки има во најава, ама во пракса ги нема, затоа што и тој моментум не е битен за власта.
Петто покажаа огромна неспособност и дека се одлепени од реалноста. Од кај да почнам? Еве само ќе ја споменам патната инфраструктура. Се фалат со илјадници километри нови патишта, а со години не можат реконструкција да направат на 7-8 километри траса кај Петровец. Или што се случи со автопатското поврзување со косовската граница. За Кичево-Охрид веќе и не прашувам. Дреме пет години во речиси истата состојба како што го остави претходната власт.
Има уште многу причини за набројување зошто се потребни избори, за промешување на картите, нови коалиции на власт и нови луѓе во министерствата. А МОМЕНТУМОТ за евроинтеграциите и за Европа може да биде и МОМЕНТУМ по некој месец – по изборите. Впрочем тој моментум Брисел ни го дава, а ние силно го ставаме на чело веќе цела деценија. Затоа сега ЕУ може и треба да се стрпи, оти Македонија има домашни МОМЕНТУМИ и проблеми за решавање. За нашата држава е важно да има стабилна, способна и разбрана влада – посветена на граѓаните и развојот, да ги решава главните проблеми, а не влада што се занимава со самата себе и како да купи уште некој месец во министерските фотељи.