Home КОЛУМНИ Пари нема, освен кога власта ќе одлучи поинаку

Пари нема, освен кога власта ќе одлучи поинаку

0

Македонија е во друштвото на Босна и Албанија, како најсиромашни земји во Европа: со прекумерна задолженост, развој еднаков на нула и со просечна плата речиси 4 пати пониска од просекот во ЕУ. Ова не е забелешка од некој опозициски политичар или злонамерна анализа на независен економски стручњак, туку официјален податок од Еуростат од почетокот на оваа година.

А всушност ни треба ли некој посебен тоа да го каже? Сите гледаме до каде е донесена Македонија. Состојбата е неверојатна, државниот буџет е огромен, а пари за најважните потреби нема. Еве пред некој ден министерот Спасовски дури призна дека и цената на личните документи морало да се покачи за да можеле да функционираат. Значи пак граѓаните да платат. Па каде бре одат тие силни пари што народот ги издвојува од своите полупразни џебови?

Од друга страна ако се гледа начинот како власта во Македонија ги троши државните пари, впечатокот е дека сме една од најбогатите држави во Европа – економски тигар на Балканот, компаниите рушат рекорди во профити, а народот е најсреќниот на светот.

Власта и народот во Македонија како да се движат по паралелни автопатишта. Паралелата по која шиба власта и шака нејзини блиски луѓе и онаа по која живее реална Македонија со најголемиот дел од народот се два различни света кои никако не можат да се разберат. А мора да се разберат и вкрстат.

Во првата паралела – онаа од власта, државата може да си дозволи да уплати аванс од 120 милиона евра на странска компанија, која допрва треба да прави проекти за да почне со изградба на автопатишта. Се има – се може, размислуваат во СДСМ и ДУИ! За две поставени најавни табли, власта исплати огромен аванс. А во другата паралела македонските граѓани со години не виделе некоја позначајна инвестиција во патната и железничката инфраструктура. Оти ако има пари за авансна уплата за нешто што допрва треба да се гради се заборавени патиштата во Источна Македонија. Сте возеле ли од Кочани накај Македонска Каменица и Делчево. За таму нема пари? Не мора да се уплати авансно – верувам дека многу македонски градежни компании би граделе и наплаќале по завршена ситуација. А кон Попова Шапка и кон Пелистер какви се патиштата? Кон Крушево сте возеле ли? Како е поврзано Кавадарци со останатите градови? Со години овој град – во центарот на Македонија економски се развива со силна индустрија, а нема ниту експресен пат до него. За тоа нема пари! За аванска исплата на нешто што во иднина би се градело – има!

Ете такви автопатишта замислува власта, едниот крак по кој се движат министрите да оди нагоре, а оној на кој е народот да се движи надолу.

Во владината паралела, за државата не е проблем да се платат казни заради нереализираниот проект со новиот Клинички центар во Скопје, не е проблем ниту да се фрлаат пари на скапи и сомнителни набавки преку тендери во здравството. Особено ова беше случај за време на Ковид-от. Се сеќавате како се набавуваа вакцините? Ама затоа пак, од друга страна народот во реалноста се соочува со секојдневни маки кога треба да се посети доктор. Државното здравство е сведено на најниски можни гранки, пациенти умираат, нема лекови. За тоа нема пари!

Македонија има пари и за набавка на функцинерски возила. Власта не дозволува ниту едно функционерче да остане без службен автомобил. А од друга страна нема пари за возила во брзата помош и за пожарникарите. Владата во минатите години набавила повеќе околу 3.000 функционерски возила. Но добро е – се пофалија дека набавиле и 12 возила за брзата помош – шест за Скопје, шест за останатите градови. Не прочитав само дали барем едно од возилата отишло во Здравствениот дом во Кичево, оти таму едно од возилата што сега се користат било со поминати 1,4 милиони километри. А да не пишувам пак за пожарникарски возила. Кога последен пат се обновил возниот парк на пожарните? Срамота е да се собираат нашите пожарникари за нивните словенечки колеги да им покажуваат како изгледа современо возило.

Кога последен пат е изградена спортска сала или пак затворен базен? Нема пари ниту за тоа. Но има пари за различни функционерчиња од власта да си играат богови со сомнителна распределба на државни пари преку ваучерскиот систем. Колку од тие пари пак се враќаат назад во џебовите на партиските функционери? Што аир има македонскиот спорт од тоа? Зошто државата не му помогна на Вардар – ракометен владетел на Европа кога му беше најтешко. Не мора да гледаме подалеку, еве го примерот со Србија како државата инвестира во спортот во Црвена Звезда и Партизан – во кошарка, во фудбал… Како во Хрватска власта го помага спортот – на две Светски фудбалски првенства се меѓу четирите најдобри? Ама Македонија нема пари за реалниот спорт, оти мора да има за функционерите.

Нема пари ниту законски да се корегираат платите на административците. Не мислам на оние партиските „клати врата – примај плата“, туку на реално потребните – функционалните. По 2-3.000 денари бараат – со години не им била корегирана. Нема пари, велат од власта. Ама за нив има. Без срам и перде си ги покачија платите за речиси 70 отсто. Преку 15 милиона евра дополнително во буџетот за нив. Кој го шиша народот – важно е функционерите да се задоволни!

Има уште паралелни патишта во Македонија. На едниот има многу пари, на другиот каде е огромниот дел од наслението нема банкноти ни за лек. И овие две паралели си возат и понатаму, два одвоени света. Со години е така.

Дали ќе има некаде крстосница за да се сретнат? Да, кај гласачките кутии ќе биде средбата. Нужно е вкрстувањето да биде побрзо. На избори, народот, засекогаш да ја прегази нереалната паралела во Македонија.