Home КОЛУМНИ Петтиот сет економски мерки зариба уште во „лер"

Петтиот сет економски мерки зариба уште во „лер"

0
Петтиот сет економски мерки зариба уште во „лер"

Колумна на Никола Тасев:

Планирав овојпат да пишувам за убави работи, тоа е многу потребно во Македонија – тоа го нема. Но, ајде пишувај, кога во државата се тоне, а оние кои треба да не извадат на површината од барата, напротив фрлаат сидро.

Пред дваесетина години бев гостин на неколку весници во Данска. Новинарите се жалеа дека работењето им е предосадно затоа што дури и кога се избори ретко има скандали за да можат да пишуваат. Да ги поканам овде да дојдат? Нема да успеат да ја разберат овдешната „нормална“ состојба.

И така додека се двоумев на која владина приказна да и се посветам неделава, просто не можев да изберам од преполната седмица со афери, скандали, коруптивни настани и дрско однесување на власта кон јавноста. Затоа обрнувам внимание на нешто што како да е подзаборавено, а е клучно за развој на државата, за раст на економијата и за преживување на граѓаните: Што се случува со петтиот сет економски мерки?

Првпат беше најавен при крајот на минатата година, па кроен, стокмуван и дефиниран во јануари, и на неколку прес-конференции промовиран во средината на минатиот месец. И наместо да го „шибаат во петта” го „зарибаа уште во лер”! Ретко кој сега го споменува! А компаниите, работниците, граѓаните… си чекаат.

Ако се погледне агендата на Собранието ќе се види дека само една од многуте најавени мерки што треба да добијат законска потврда се поставени на седницата за следната недела, и тоа за исплата на плати за, погодените од криза, компании за февруари и март. Доколку Собранието работи во најидеалните рокови, што е тешко за очекување, помошта за плата за февруари и март ќе биде достапна до средината на април. И?

Вицепремиерот Битиќи вели дека тие своето си го завршиле и сега вината е во пратениците што не се одговорни и што не се собрале за да ги изгласаат законите што ќе ги направат мерките достапни.

Тој, всушност, мисли на истото Собрание каде што нивните пратеници имаат мнозинство, за истото Собрание каде што пратениците експресно се собираа и изгласува за промена на име и устав, за задолжување, за попис, за финансирање на партиите… За истото Собрание каде што многу поневажни закони се протнуваа во итна постапка со злоупотреба на европското знаменце.

А бизнисот? Него кој го шиша! Економијата доживува катаклизма. Ако на сето ова ги додадеме и фактите дека и претходните четири пакета економски мерки не се покажаа како соодветни и реални, како и обвинувањата од бизнис заедницата дека Владата е тромава и не ги слуша како да се излезе од кризата, слободно може да се констатира дека владините економисти не заслужуваат ниту „преодна двојка” за справувањето со економската криза.

А растот на македонската економија се случува само на владините пресови и во купените медиуми, затоа што во реалноста се затвораат фирми, работници остануваат без работа… Се плашам да не смета власта дека економија е само тендерството. Гледам околу тоа си работат со сите сили.