Виде – невиде па и нашата Влада најави ќе штедела. Откако се изнафрла пари на луксузи, помпезно од белата зграда на Илинденска, најавија дека ќе ги кратат трошоците за управните одбори во државните фирми: ќе го намалат бројот на членовите, ќе им ги скратат надоместоците, а ќе ги избираат преку јавен конкурс.
Добро е ова, но дали е доволно? И зошто не беше направено пред четири години?
Инаку, шегата дека членство во државен управен одбор е најисплатливата и најлесна работа во Македонија не е далеку од вистината. Со високи надоместоци, а со малку работа и речиси никаква одговорност за лошите резултати на државните претпријатија, со години наназад, партиите на власт ги користат овие позиции за „отплаќање” на долговите кон своите членови. Секој кој лепел плакати на избори, потоа чека да е член на некој управен одбор. Тој „џек пот” во моментов го
уживаат околу 1.300 луѓе, кои Македонија ја чинат приближно 2,5 милиона евра годишно. А ако оваа пракса трае веќе 20-тина години ќе дојдеме до бројка од над 50 милиони евра потрошени за разни државни управни одбори.
Еј, големи пари се тоа. Обично Владата ги зема преку кредитче кое ќе го отплаќаат нашите деца или ќе опне нови давачки врз народот, само за угледните членови во УО
да бидат платени светски.
А што се можеше Македонија да„купи” за овие пари? Па, на пример, нови противпожарни возила и авиони, или пак да се изградат десетина нови училишта и градинки, да се реновираат болници, да се асфалтираат патишта во сите села…. Но
не, тие пари завршија во џебови на лица кои често и не знаат во каков управен одбор се поставени.
И таман се израдувавме дека ќе штедат, кога властите покажаа дека заштеденото пак ќе го расфрлаат за свои луѓе. Административците во иднина ќе бидат наградувани со 30 отсто од својата плата за својот екстра ангажман. Е сега, ако се штеди на еден непотребен трошок, дали истите пари, наместо да се заштедат, ќе се пренасочат кон друг исто така непотребен трошок? А пари за болници, училишта, против пожарни возила, патишта пак ќе нема.
Но, да се вратам на кратењето кај УО. Не е доволно! Зошто мора да има по седум члена кога може и тројца да ја завршат работата. А зошто малите јавни претпријатија да имаат УО, кога може да се контролираат директно од општинските советниците бесплатно?
А кратењето не треба да застане тука, нека продолжи и со разните советници во Владата, министерствата, агенциите и општините, па и со огромниот број на општинските советници, со пренатрупаната администрација. Втората важна работа од овој Закон е и професионализацијата на членовите во УО. Нема да ги назначуваат кадровски комисии на партиите на власт, туку ќе бидат бирани преку конкурс. Прашањето е кој ќе го врши изборот од пријавените.
Пак ли некоја партиска комисија? Па и сега за вработување во „државно” има конкурс, но пак по некоја случајност комисијата ги избира оние со партиска книшка. Та нели и
за директори има конкурс – избран ли е некој што не е поддржан од партиите на власт?
И најважното, што ако се намали бројот на членови на УО, ако пак се носат одлуки (најчесто нарачани и на друго место донесени) кои никако не нудат развој на претпијатијата што ги управуваат? Не е утеха ако наместо 11 члена, сега само 5 члена на УО ја довеле фирмата во загуба, а тоа на крај пак ќе го покрие народот. Значи, дајте навистина штедете или поштедете не од ваквото ваше штедење.