Home КОЛУМНИ Преспа ли е иднината на туризмот, наместо Охрид?

Преспа ли е иднината на туризмот, наместо Охрид?

0
Преспа ли е иднината на туризмот, наместо Охрид?

Економската криза кулминира во Македонија. Бизнисот виде дека власта слабо реагира па почна да вика – Бог нека ни е на помош. Е, тука е новиот проблем. Треба ли за се Бог да го повикуваме? Имаме ум и раце и прекрасна држава. Се друго е до нас и до оние што дебело ги плаќаме за да не водат.

Еве на што поконкретно мислам. Ја имаме прекрасната Шар Планина, ама нашите власти еден шестосед ски лифт направија за последните 20 години – а паркинг нема. Па треба ли да летнеш до Шара и потоа да се возиш со лифтот? Затоа со година наназад Копаоник, Банско и Боровец ни се поблиску од Маврово, Пелистер и Шапка. Да не беа ограничувањата со патувањата во земјите од Европската Унија и Алпите ќе ни беа поблиски од нашите скијалишта.

Уште една изгубена година за македонскиот зимски туризам, а летната сезона почнува утре! Зимската сезона ја пропуштивме, а како што обично кај нас се прави: за летната ќе размислуваме во јули. И пак исто догодина!

Доволно за да прашам: барем мислите ли нешто за летната сезона? Минатото лето, како никогаш досега го наполнивме Охрид. Но, страшно е што потоа го заборавија и властите, и локалната и централната. Како што тоа се случува и со сите власти досега. Наместо да ги преспијат ладните месеци, задолжително беше Охрид да биде претворен во огромно чистилиште и градилиште. Да се подготви, да се исчисти, да се модернизира и да се збогати со капацитети и содржини за да може да прифати не само домашни, туку и странски туристи. Ама тие го збогатуваа само со дивоградби, рушено – недорушени, депонии и се друго од што на УНЕСКО му се крева коса на глава.

Летово Грција и останатите традиционални летни дестинации веројатно за нас ќе останат затворени, па како и минатата година сите ќе се упатиме кон Охрид. Со што ново ќе не дочека Градот и Езерото?
Плус тоа ако се нормализира состојбата и се отворат границите, Охрид мора да биде подготвен да ги прими поголем број странските туристи, наместо да сме задоволни со 3-4 чартери од Холандија. Охрид нема солена вода, но има многу други природни предности и убавини што треба да се оплеменат и истакнат за да биде уште попривлечен за туристите.

За жал наместо позитивна офанзива, за Охрид единствено зимава слушавме за дивјаштвото врз Езерото, дивоградбите, загадувањето на водата и уништување на историските знамености во прекорите и извештаите од УНЕСКО.

Да не мислат властите дека туризмот ќе го пренасочат кон Преспа? Факт е дека многумина ќе дојдат да видат како исчезнало огромното езеро, ама дајте малку сериозност.