Home КОЛУМНИ Референдумот е луксуз што власта не сака да си го дозволи

Референдумот е луксуз што власта не сака да си го дозволи

0

Зошто во Скопје и во останатите градови одамна нема граѓанско изјаснување преку референдум? Зошто локалните власти не сакаат да го соберат мислењето на граѓаните, како што им ги собираат парите преку разни даноци? Па белким граѓаните знаат што е подобро за нивниот град од било кој фукционер!

И централната власт е иста! И таа не сака референдум. Сака да им ги собира парите на граѓаните, ама не и мислењето. Додуша, да бидам искрен и реален, еднаш го собра мислењето на народот. Тој кажа – НЕ за промена на името на државата, ама власта кажа – ДА. Посилно за неа беше мислењето на 80 пратеници (собрани и присобрани, купени и уценети), од народното референдумско изјаснување.  

Да се вратам на локалните референдуми. Сега имаме нова гарнитура градоначалници, повеќето се од ВМРО-ДПМНЕ. Тие мора да покажат нов пристап на одлучување за секоја покрупна промена, а секоја нова акција и проект пожелно е да ја прават во дијалог со стручната јавност и со граѓаните. Предлозите да се бараат на конкурс, а преку јавни расправи да се уважуваат различните мислења и ставови. Крајното решение е избор на мнозинството – преку референдум.

Дури и во поранешниот недемократски комунистички режим, властите редовно комуницираа со граѓаните, а Скопје и општините се развиваа во корист на заедницата. Сега, комуникација е еднонасочна, а развојот оди во правец на задоволување на градските челници и инвеститорите блиски до нив.

Ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина народна партија како што се промовира, неопходно е нејзините градоначалници да го слушаат мислењето на народот. Затоа што преку локални референдуми ќе се направи заштита на граѓаните од локалната власт, а на локалната власт ќе се штити од централната.  Така ќе се вратат довербата во демократијата – оти навистина одлучува мнозинството. Ќе се врати и довербата во локалната власт – народот е тој што кажува, а власта спроведува.

Ниту една локална власт во иднина не смее да донесува урбанистички планови без  директно да ги праша граѓаните? ДУП-овите не смеат да бидат школска табла, на која, секој што доаѓа на власт ќе шкрта свои размислувања односно потреби. Па така, водејќи се од својата алчност, нема да му е битно што граѓаните ќе се загушуваат во високите згради, ќе немаат ниту воздух, ниту небо, а парковите ќе се искасапат за да се насадат згради.

Понатаму, проекти за кои е предвидено поголемо задолжување не смеат да се реализираат без граѓаните да ја искажат својата потреба од нив. Се сеќавате на проектот за брзиот автобуски транспорт во Скопје што централната власт и нивниот градоначалник Шилегов го туркаа на сила, без изјаснување и поддршка од граѓаните. Среќа што се слуши еден друг референдум – локалните избори, кога мнозинството кажа НЕ за овој проект, а градоначаникот од СДСМ го испрати во пензија.

Неприфатливо е што во Македонија власта не го прашува народот, а преку лажни и наштимани анкети докажуваат дека нивните предлози се одобрени. Затоа што за нив референдумот е само луксуз што не сакаат да си го дозволат, а оние и кои имале некаква иницијатива биле обележани како непријатели на народот.