Мандатот завршува, каде е отчетот за сработеното?
Фино е тоа што има најави за нови проекти, ама што всушност од ветеното сработи скопскиот градоначалник во изминативе години? Беа посочувани педесетина големи проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени
Градоначалникот на Скопје и оние на скопските општини не ги исполнија предизборните ветувања и програми. Сега спроти локалните избори само се обидуваат да започнат реализација на некој ветен капитален проект, смета Добрила Андоновска
Конечно во Скопје работат градежни машини, се удираат „камени – темелници“ за нови градинки, паркинзи, амбуланти…, а се држат и прес – конференции каде се слушаат ветувања „ќе направиме ова, ќе направиме она…“. Едноставно, скопскиот, но и општинските градоначалници се растрчани насекаде – предизборие е. Да, сето тоа не би било ништо лошо доколку се праваше во првата-втората година од нивниот мандат. Меѓутоа, проблем е што ваквата забревтаност се случува на само нешто малку повеќе од месец дена до новите локални избори. Тогаш, прашањето кое се поставува е: Што се праваше во изминативе три ипол години? Зошто тие проекти е се почнаа порано?
Логично е сега градоначалникот Патре Шилегов и неговите општински колеги да кажуваат што направиле за својот мандат. Да поднесат извештај за сработеното, а потоа да кажуваат што планираат да прават во иднина.
-Градоначалникот на Скопје и градоначалниците на скопските општини не ги исполнија предизборните ветувања и програми. Сега само се обидуваат да започнат реализација на некој ветен капитален проект, спроти започнување на изборната кампања за локалните избори, вели граѓанката Добрила Андоновска.
Незапочнати фараонски проекти
Но, наместо отчет Шилегов деновиве оди по скопските општини, во Бутел најавува чистење на каналот на Серава, во К. Вода нов тротоар на улицата „Х. Татарчев“, во Сарај збори за реконструкција на патишта кон Глумово, Кондово, Рашче… најавува смарт-паркинзи кај Зоолошката градина, се гребе асфалтот на булеварот кај МАНУ, се најавува нова улица кај Клинички центар… Фино е тоа, ама што всушност од ветеното сработи скопскиот градоначалник во изминативе години? Листата на работи кои им ги вети на скопјани беше прилично голема и најавуваше менување на ликот на градот. Беа посочени педесетина големи проекти за кои се гарантираше дека ќе бидат направени.
Каде е завршената гасификација, каде е комбинираниот градски превоз, каде е тунелот под Кале… Шилегов неодамна на прашањето зошто не направил капитални проекти само кусо одговори: „Не сум фараон па да градам каппитални проекти“.
Но, ова не поминува кај граѓаните.
– Ниту градоначалникот ниту советниците не заслужуваат втор мандат. Не ги исполнија ветувањата за кои ја добија нашата доверба. Повеќе од сигурно е дека ако не исполниле во овој мандат тоа нема да го направат ниту во наредниот, смета скопјанецот Љубен Гогучевски.
Неговиот сограѓанин Владо Данилов, пак кусо ни рече: „Дел од проектите е остварен, а дел не“.
Должни на граѓаните им останаа и општинските градоначалници. Во Аеродром Златко Марин најавува голф-терени, а ја нема гасификацијата на општината, нови паркиралишта, нов затворен зелен пазар, нова општинска зграда, нова гимназија, нов културен центар… Во Кисела Вода граѓаните од Филип Темелковски уште чекаат на поликлиника, катна гаража, гасификација, 40 интернет зони, нова општинска зграда, фекални канализации по населбите Припор, Усје… Борис Георгиевски во Гази Баба, пак, на граѓаните уште им должи нов спортско-рекреативен центар, базен, нова поликлиника во Автокоманда, катна гаража во Маџари, иницијатива Скопска Црна Гора да стане национален парк. Во Центар Саша Богдановиќ неодамна се пофали дека најголем дел од пректите ги направил но ги нема ветените спортска сала во Градскиот парк, нови 2.000 паркинг места, кула за прочистување на воздухот… На голем модерен дом за стари лица, деветте еко-паркинзи, бесплатно учење на странски јазици за основците, реконструкција на спортската сала „Партизан 4“, големиот парк во Капош 4 уште се чека од градоначалникот Стефан Богоев.
Граѓанинот Виктор Јовановски, жител на населба Железара ни вели дека очекувал да биде направена прочистителна станица за Скопје за преработки на отпадни води.
-Во четири години населбата ни во еден ден не е изметена како што треба. Кучињата – скитници треба да се тргнат од улиците, зеленилото да се врати по општините. Тука зеленилото е сторено пепел, локалните депонии треба да се чистат редовно. Ова се основни работи за кои не треба да се разговара воопшто, потенцира овој граѓанин.
Каде отишле парите на граѓаните?
Од друга страна, ниту еден од градоначалниците во овој период не излезе со детален отчет за тоа што се направил, што не направил и како се трошени буџетските пари. Тоа од нив го очекувале и граѓаните.
– Градоначалниците се должни да поднесат отчет пред граѓаните за се’ што е сработено во нивниот мандат, но секако и да дадат отчет за општинските каси, за кои тврдеа дека им’ се оставени празни од нивните претходници, а владата им’ ги наполни. Па се поставува прашањето: Ако оставаат презадолжени општини без да реализираат капитални проекти, каде завршиле парите на граѓаните, прашува граѓанката Андоновска.
Слично мисли и Љубен Гогучевски:
– Повеќе од потребно е дадат отчет за сработеното досега. Тие ги трошеа нашите пари и најнормално е да знаеме каде се потрошени.
Засега градоначланиците си проодолжуваат со ветувањата, најавуваат дека „ќе направат ова и она“. Односно, со тоа си ја бараат довербата за нов мандат со образложение дека им е потребен за да ги завршат започнатите проекти. Тоа е приказната и сценариото кое се повторува од избори до избори. Практично, излегува она што во анктетата на „Скопско ехо“ го кажа граѓанинот Роберт Вељановски.
-Од 1992 година до сега никој не ги исполнил ветувањата, ни рече тој.
Што (не) направи скопскиот градоначалник?
Листа на проекти кои требаше веќе да бидат направени од страна на скопскиот градоначалник Петре Шилегов воопшто не е мала. Тука се: Гасификација/Комбиниран градски превоз/Град без смог/Тунел под Кале/Универзална сала/Ревитализација на Треска/Две нови гимназии/Пешачка зона Мал Ринг/Зелен коридор Серава/Пошумување на Водно/Уредување на Аквадуктот/Луна парк/Спуштена раскрсница кај „Мавровка“/Колекторски систем/Кружен тек во Сарај/Натпатник „Алкалоид“/Монтажни паркинзи на Џон Кенеди“ и „Чаирчанка“Противпожарни станици во Драчево и во Расадник/Ревитализација на паркот Гази Баба…
Како направени проекти, пак, може да му се припишат стационарот „Лајка“, нови велосипедски патеки, голема набавка на контејнери и на комунална механизација, завршување на булеварите „Карпош“ и „АСНОМ“, „Никола Карев“, половина од „БИХ“, триесетина нови автобуси на гас, нови зелени површини како Ибни-пајко, Мичурин и други, уредување на терасата на ГТЦ и на вториот дел од градскиот плоштад, уредување на внатрешноста на Клиничкиот центар, кружен тек во Чаир, градба на новиот мост во Аеродром…
Извор: skopskoeho.mk
Линк до објавата