Шведска маса наместо 15 километри траса

Власта го троши вториот мандат. Потроши и четири годишни буџети. Многу, многу пари се поарчија, а некако не гледаме ефект. Барем да се изградеше нешто што ќе остане и за идните генерации (оние што ги задолжуваат сега со кредитите). Еве на пример, еден автопат па макар и само 15 километри да е!

 

Додека ги слушаме вестите од регионот за градежна офанзива како насекаде се градат километри и километри нови автопатишта, во Македонија „се градат” километри и километри нови скандали. Со секој нов ден – нов километар автопат во Косово, во Србија, во Црна Гора… а кај нас со секој нов ден – нова афера. Со таа разлика што кај нас скандалите „се градат” многу побрзо од автопатиштата во регионот. За тоа, нашата власт е шампион! Мора да признаеме.

 

Сфатија властите во околните држави дека сега е моментот да се инвестира во градење на капитални објекти, во случајот автопатишта. Тоа е еден од начините да се излезе од економската криза: да се претвори државата во гига градилиште, градежните компании, подизведувачите, добавувачите… да имаат сигурна работа, да се зачуваат работните места и истовремено преку плаќањето даноци да се враќаат пари во буџетот. Ем стопанството во кондиција, ем државата каса со редовен прилив. Во секоја економска криза, а оваа „коронската” е една од најтешките, државата е таа која што треба да вбризга наменски свежи пари во економијата, затоа што таа има најголема достапност и до домашни и до странски финансиски извори. Пари за ова мора да има, треба да се најдат, па дури и од „неповолни во моментов” кредити. Колку е да е Македонија презадолжена, ова наменско задолжување е оправдано. Се разбира доколку функционерите не ставаат едно евро во автопатот, а едно евро во џебот.

 

Сфатија нашите соседи дека изградбата на автопатишта има стратешко значење, не само за стопанството, туку и за безбедноста на граѓаните.

А сфатија ли нашите власти за четири години од владеењето нешто од ова? Ако не, можат да одвојат малку време и да ја прочитаат сопствената изборна програми и таа од 2016 година и онаа од лани. И двете се речиси идентични, затоа што во првите три години и не завршија ништо, освен три работи: свечено го отворија тунелот кај Демир Капија и изграа оро со блех музика, поставија банкини на автопатот до Штип и помпезно распишаа тендер за изградба на 2 километри автопат кон косовската граница. А во својата програма убаво објасниле што ќе изградат ако гласачите им ја дадат поддршката: 600 километри автопат или експресен пат и тоа: од Велес за Битола, од Скопје до Блаце, Од Гостивар до Кичево… Е сега на нас останува да се „возиме“ по тие брзи автопатишта, но само во најава.

А да не ги споменувам и сите ветувања за обновување и проширување на железничката инфраструктура. Пруга ваму, пруга таму… ама само на хартија во една, би рекол квалитетна програма, која, за жал по Македонија е „осудена” да ја спроведуваат неквалитетни кадри.

 

За нив 15 километри е голема траса, ако треба да се стане од шведска маса. Другпат тие ќе мислат на автопатишта и железници.

И додека некои се палат на патна и железничка мрежа во програмата на владеачката партија, соседна Србија „вози” со 200 на саат. Гради автопатишта и железници и тоа со средства од нашите стратешки западноевропски партнери, па да се запрашаме: кој е во НАТО? Ние или Србија?