Home КОЛУМНИ Со комарците не успеаја, сега нека прскаат против партиски крлежи

Со комарците не успеаја, сега нека прскаат против партиски крлежи

0
Со комарците не успеаја, сега нека прскаат против партиски крлежи

Колумна на Никола Тасев:

 Се изгласа Владата, сега граѓаните чекаат со што министрите ќе почнат да работат. Проблеми има многу во Македонија. Но има многумина кои особено се напнати и чекаат…

Деновиве на шеталиштето во Охрид наслушнав интересен муабет на тројца повозразни граѓани. Двајцата беа возбудени што викендов се изгласа Владата и се фалеа дека им било договорено веднаш да добијат вработувања. На првиот „за ќерката во Царина” оти ставала многу лајкови на Заев, а на вториот- снаата, ама и самиот не знаеше каде, но било сигурно бидејќи одела на сите партиски состаноци во месната заедница. Третиот беше тивок, бил „вмроовец” како што наслушнав. Но се пофали: еве ги за десетина месеци се локалните избори, ќе го добијат моите Охрид, а син ми ќе стане важен човек во градската администрација, бидејќи уште сега става лајкови.

Слични приказни на ова, надежи и очекувања за добивање на трофеј во лик на партиско вработување на државно се безброј. И во Охрид и во Штип и во Скопје… насекаде. По секои избори државата се трупа со партиски крлежи, чија единствена препорака е верноста кон партијата и гласноста на митинзите или лајкањето на социјалните мрежи. Дваесетина години владејачките партии ја злоупотребуваат државната каса за задоволување на своите потрчковци. И види чудо администрацијата е единствената точка каде и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ соработуваат: не ги бркајте нашите, ние ќе ги поштедиме вашите. И така во недоглед!

Затоа и не е чудно ако и оваа Влада се занимава во првите 100 дена каде да им најдат место на Петко и Станко, на Јашар и Асан, наместо конечно некоја власт да каже стоп за партиските вработувања и да направи план за реформа и отстранување на неквалитетните и непродуктивни административци, избрани по партиски или фамилијарен клуч. Лепачи на плакати, митингаши, фејсбук ботови, сестри, снаи, синови, браќа, швалерки и лични фризерки ќе добијат предност пред квалитетни и учени луѓе, чија единствена маана им е што не се во партија или не се роднини на некој функционер.

Сите партии досега кон администрацијата имале реформистички најави, но само кога се во опозиција. Кога ќе дојдат на влааст се забораваат. Силата не ја црпат од добра програма, туку од партиски послушници кои им одработуваат победа. Поразот, потоа, е резервиран за Македонија, која треба тоа да го плати.

Во последните 20 години администрацијата порасна за речиси 50 отсто на државно ниво и повеќе од 100 отсто на локално. Никој и не знае точно колкава е бројката. 130.000 или 160.000 јадат од државата, бизнисот, од сите нас…

Следната година се локалните избори, а градоначалниците кои немаат реализирано ни 10% од тоа што го ветуваа пред 4 години, ќе можат барем да се пофалат дека ги вработиле сите на кои што им било ветено и да отворат нов круг на ветувања… за нови вработување, се разбира.

Епа тоа мора да престане! Не им успеа со прскањето против комарците, но сега е време да прскаат против крлежи кои се лепат за телото на државата и цицаат. Зарем за дадени 4 лајка сега 4 години фина државна плата ќе земаат без да знаат што работат? Доста веќе со логиката – тој што ти става лајк не ти прави штрајк. Ете тоа мора да биде првата работа на Владата – всушност само не треба да вработуваат како досега.

Се разбира ако има волја за тоа. А дали има?