Досега бев навикнат да ме контактира Дедо Мраз. Секогаш кога ќе добиеше потреба да се обрати до македонската јавност – ете го кај мене. Но, сега првпат добив писмо од чудна адреса. А ми пиша Теодосиј Гологанов.
Не, не улицата, онаа што се реконструираше со месеци и се уште не е комплетно завршена, туку лично Теодосиј Гологанов – Митрополитот што уште во деведесетите години од 19. век се борел за посебноста на македонската нација, за човекови права и за возобновување на Охридската архиепископија. Македонецот, кого малку си го припомнуваме, а кој уште пред 120-130 години со благослов на римскиот Папа се обидел да ја возобнови автономната македонска црква. Ете тој ми напиша писмо, лут за односот кон улицата во Скопје, што го носи неговото име.
„Вие ме славите или ме навредувате, ми правите чест или ме срамотите“, вака го започна писмото до мене. „Ај што со месеци чекам улицата да биде готова, ај што трпам секој возач низ центар да ме пцуе, ама што направивте и со тротоарите, со дрворедите… Има ли некој во таа ваша сегашна градската управа што си ја разбира работата?“
Имаше во писмото и друг дел со сочни забелешки и кон државната власт околу распорадавањето на македонскиот идентитет, а забелешки има и до Синодот на МПЦ кој премногу угодувал на политичари и странски и домашни, ама тоа нема да го споменам овде, затоа што и самиот нагласи приоритет му е улицата.
Ретко поминувам по таа улица, оти знам дека со месеци е раскопана, ама синоќа решив да ја посетам, да видам зошто се налутил Митролопитот. Конечно, пред два-три дена ја отвориле за возила, ама се уште е недовршена. Погледот кон тротоарот ме згрози – го асвалтирале бе! Поедноставно им било така – тури асвалт и пушти ја машината да го израмни. Кој ќе се тупи сега да мести плочки, како што треба да изгледа пешачка зона. А дрворедот „посебна песна“ – како ептен лоша копија на слика од Пикасо – дрвце ваму, дрвце таму, никаков ред. Јак уметник бил тој што го планирал дрворедот. А да не пишувам оти синоќа и врнеше во Скопје, а улицата како да си во Венеција – под вода. Аман, па вчера ја завршивте реконструкцијата, не можевте ли да предвидете дека во Скопје некогаш има и дожд, па да се направеше соодветен систем за собирање на атмосферската вода.
„Не сакам веќе улицата да го носи моето име, одберете друго“, категоричен беше Митрополитот на крајот од писмото.
Ај сеа беља си земав, треба и друго име на улицата да смислам. Еве на пример може да го носи името Булевар „Македонска реформа“. Оти и така реформите во Македонија се како и реконструкциите на улици – траат премногу долго, а некогаш и не завршуваат или веднаш се потребни нови реформи на реформираното. Тоа е проблемот на нашите власти – многу ветуваат, ама ништо не завршуваат. Македонија си пати од министри и градоначалници кои се јаки на зборови во кампања, ама слаби на дела кога ќе ја добијат функцијата.
Тука, секако не мислам на оние 1.300 км патишта и автопатишта од ТВ спотовите, што ги изгради владата на СДСМ во последните 5 години. Нивните автопатишта експресно се завршуваат, не се како овие градските. Еве го примерот со патот од Кичево до Охрид, или оној кај Катланово или оној кон Косово, се се тоа примери за успешност.
Така, размислувајќи од Булеварот Гологанов, свртив десно накај Ленинова. И таа раскопана. А јас, во паника: полукружно и бегај. Ниту на ретровизорот не сакав да погледам. Оти што ако и оваа улица се реконструира како и другите во Скопје. Ленин ли да ми се јавува?