Треба да се дадат пари на медиумите, ама…

Владата многу сака да планира. Се изнаслушавме стотици планови досега. Де долгорочни, па краткорочни, па тромесечни, па планови на 4 години, па развојни, па инвестициски… Сите се различни, но сите имаат една заедничка нитка: ученички скоцкана презентација, пред камери наредени министри во строј, надежни зборови, многу очекувања…

Ама, потоа таквите планови никако да се остварат.

Но, тоа не ги разочарува, напротив – прават нови и нови планови. А имаат и еден план на кој власта постојано се присетуват кога доаѓаат избори: Како да се купи љубовта со телевизиите, ама со народни пари.

Еве, повторно во Парламентот и повторно со европско знаменце се туркаат брзи измени на Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги, каде што покрај другите работи власта сака да го озакони државното рекламирање на телевизиите. Истото решение против кое, кога беа во опозиција, жестоко се бунтуваа. Тогаш за нив тоа беше владина корупција на телевизиите, а сега…

Планот им е едноставен: Минимум 4 милиона евра годишно треба да завршат од државниот буџет кај телевизиите по основ на реклама и промоција. Што ќе рекламира Владата? Можеби електричните возила од тетовската фабрика или новите автопатишта кон косовската граница и кон Охрид? Или можеби низ реклама, Владата ќе го кажува она што го тврди Ковачевски дека Македонија е лидер во регионот?

Да се разбереме: не сум против тоа, државата да помага на домашната економија, на медиумите, на приватните компании, на граѓаните. Впрочем тоа е и една од обврските на Владата. Но, категорично сум против паушално расфрлање државни пари за измислени работи, од кои за Македонија ќе нема речиси никаков позитивен ефект. Можеби ќе се изгасне некој пожар, ке се исплати некоја заостаната плата или хонорар, ќе се плати некоја комунална сметка или ќе се набави некоја серија. Но тоа е еднократен позитивен ефект, што нема да го реши проблемот на телевизиите, ниту на новинарите.

Затоа, наместо стихијно и еднократно решение, медиумите имаат потреба од долгорочен план, кој ќе ги заштити медиумските работници, а за телевизиите, порталите, весниците… ќе обезбеди финансиска стабилност и пред се развој. А, тоа може многу едноставно да се постави како правило, преку формирање на Фонд за медиуми. Намерно пишувам медиуми, оти не се само телевизиите медиум од општествен интерес за државата, а уште помалку се тоа само петте национални терестријални телевизии, кои треба да добијат две третини од државните реклами.

А тој Фонд нека биде и многу повеќе од предвидените 4 милиона евра. Медиумите да аплицираат и да повлекуваат пари за конкретни проекти. Тие имаат потреба од трајна стабилност преку доделување на наменски средства за конкретни проекти насочени кон јакнење на македонскиот јазик и јазиците на малцинствата, кон македонски играни серии и документарци, македонската песна… Ни фалат македонски квизови за деца, образовни и воспитни емисии, забавни шоуа со македонски песни, фолклор. Ни се изгуби јазикот, младите се помалку ја знаат историјата.

Ете така нека се потрошат парите. Да се знае дека од нив државата и народот ќе имаат ефект. И тие пари да не ги доделува некој министер, туку на пример волонтерско тело полно со експерти од разни области. Тие да ги одобруваат понудените проекти од медиумите.

Инаку, оти треба да се лупнат 4 милиона евра пари од граѓаните, онака по желба на некој министер, а парите во голем дел да се потрошат за турски серии? Ма, ЈОК!!