На СДСМ не му оди максимално. Полека станува второстепен коалиционен партнер во власта. Ама има многу лица кои одат во СДСМ. За да добијат функции или за да растат на веќе добиените. Од она што го гледаме, сите тие имаат три правила за да успеат во СДСМ, ама и во ДУИ.
Првото правило е задолжително: мора да си максимално неуспешен, максимално коруптивен, отворен за непотизам и слепо послушен на партиските шефови.
Ова правило подразбира и секоја година, институцијата што ја раководиш да биде тема на Државниот завод за ревизија. Што повеќе забелешки за незаконско работење и непочитување на законските процедури ќе има во ревизијата – толку повеќе имаш шанса да се покажеш како “успешен“ менаџер, кој го осиромашил државниот орган што го управува, ама си го збогатил сопствениот и џепот на пријателите и сопартијците.
При тоа пак, споменувањето од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата е голем плус. На колку повеќе прес-конференции или соопштенија ќе те споменат – шансата за напредок во кариерата ти е поголема.
Еве го директорот на Агенцијата за млади и спорт. Со денови беше главна фаца во извештаите на Државната ревизија и во пресовите на Антикорупциската комисија. Дури и најголемата спортска институција МОК побара негова оставка, ама тоа беше поттик за Владата, наместо да го разреши, да го награди. Прочитав некаде дека сега има и дополнителна функција – претседател на владина комисија за подготовка на нов Закон за спорт и за ваучери.
Поранешниот директор на Фондот за иновации? Во негово време сите функционери на СДСМ станаа иноватори, а тој како награда што бил успешен и ја зголемил иноваторската заедница во Македонија, награден е со тоа што сега привлекува странски инвестиции. И бидејќи и тука се покажува како екстремно успешен, оти инвеститорите се истепа да дојдат кај нас, нема да ме чуди наскоро да стане министер. Еве на пример, може за правда, па успешно да го реформира и правниот систем. Може да продолжи таму каде што застана големиот реформатор Маричиќ, кој пак е награден со владина потпретседателска функција.
А премиерот во сенка Груби и бизнисите на неговото семејство, па претседателот на Собранието и синот обвинител..?
Се чудев дали овде да го споменам и најновото обвинување од ВМРО-ДПМНЕ дека, директорот на „Патишта“, договорил 2 милиона евра на фирма од кичевско село за собирање гранки по автопатиштата и тоа било многу повеќе од претходно. Ама мислам дека опозицијата не е во право, оти различна е ситуацијата од пред две-три години. Сега имаме нови 1.500 км автопатишта. Така кажа премиерот Ковачевски.
И еве веќе, несакајќи преминав на второто правило: да кинеш зелени и при тоа да се сметаш себеси дека си најпаметниот во Македонија. Еве го примерот со 1.500 км нови патишта и автопатишта на Премиерот. И претседателот Пендаровски не заостанува многу зад Ковачевски. И тој ги кине зелени. А ако почнам да ги набројувам сите примери, ќе ми требаат најмалку три колумни. Конкуренцијата во СДСМ е навистина огромна, толку многу ги кинат зелени што слободно можам да ги наречам екологисти.
Трето правило, последно но не и помалку важно е да не се претегнуваш многу со патриотизам и борба за достоинствена Македонија. Пожелно е при тоа и да да виткаш кичма пред секој странски дипломат за кое било прашање.
За да се придржуваш кон ова правило мора да си потполно во „северњачки“ филм. На пример и кога си разговараш во кругот на семејството не смееш да кажеш само Македонија или ако некој на сон ти ја спомене државата само со Македонија, мора да се разбудиш од кошмарот и сто пати пред огледало да повториш: Северна, Северна, Северна…
Ако странец побара Македонија да клекне, ич да не му ја мислиш, турни ја земјата долу, ако сакаш СДСМ и ДУИ да те сакаат.
Сите овие три правила се подедакво важни за да те сакаат владеачките партии, а секој нивни функционер може да си одбере едно од нив за билдање на сопствената кариерата. За среќа на СДСМ и ДУИ, а за жал на Македонија, повеќето од функционерите ги практикуваат сите три правила истовремено. И тоа на најјако!