Македонија пречесто се завива во црно…
Зад сите трагични несреќи се крие, пред се, немање нормална одговорност и неказнивост поради вработување на одговорни места на “свои” луѓе, членови на блиско семејство, или партиски војници, смета граѓанинот Кирил Штрков
Трагедии, пожари, поплави, сообраќајни несреќи со многу загинати… e нешто што периодично, но редовно, ни се случува во Македонија. За жал, на секои неколку години државата се завива во црно, а се почесто се зборува дека системот е целосно пред распад. До кога бе вака? Бараат ли надлежните спас од ваквите црнила, бараат ли кои се причините за тоа?
Еве, сега трагедијата во тетовската модуларна болница во која живи изгореа 14 лица, вришти во ушите на секој граѓанин, но дали ќе се однесуваме како оглувени (особено државните институции) ќе покаже времето. Нужно е оваа трагедија да означи пресврт во државата. Дали може тоа да се стори? Еднаш мора да се тргне во борба против целиот јавашлак, негрижа, површноста, несериозноста… која стои зад сите несреќи кои ни се случуваат. И да, до кога ќе нема одговорност во Македонија? До кога одговорноста ќе се разводнува, ќе се споделува на сите, ќе се…?
-Денес, актуелни се модуларните болници нивниот квалитет на градба и исполнувањето како такви на сите стандарди за безбедност заштита и спасување. Пред некоја седмица беа пожарите. На ред ќе бидат високатниците и новите градби кои ги има насекаде околу нас. Не дај Боже кога ќе се случи посериозен пожар, дури тогаш ќе станеме свесни дека ретко која нова зграда има странични односно надворешни скали за спасување, ќе дознаеме за квалитетот на фасадите, за тоа колкава е издржливоста на високи температури на материјалот кој се користи во градбата и слично. Тогаш исто така ќе бараме одговорност од инвеститорите, од оние кои им издале одобрение за градба од Цацко и така се во круг. Кучињата ќе лајат карванот си врви, ни вели пожарникар Тони Чикарски.
Долга листа на трагедии
Со отварањето на оваа тема увидовме дека ретко кој наш соговорник се чувствува сигурен дури и во новата зграда во која се вселил. Се плаши дали во ѕидовите е вградено потенко железо, дали сајлите во лифтовите се јаки, се затвората ли вратите како што треба, дали темелите се добри, дали мостот е како што треба, дали нема да се излее реката оти е неисчистена, дали се сигурни патниците во автобусите, во возовите…
– Знам за стар објект кој го реновираа, но го пуштија неодобрен за употреба! Или, втор случај, возам и во пресрет ми иде автобус со видно искривена шасија, а вози ученици. Очигледно некој на технички само гледа кој е концесионерот. Значи со еден друг збор, нефункционален систем со маниакално коруптивни луѓе во истиот, ни вели Панче Паланков од Муртино.
Хронологија на најтешките несреќи кои што ни се злучувале во изминативе години тоа само го потврдува. Кога во август 2009 г. во превртениот брод на Охридско езеро се удавија 15 бугарски туристи на виделина брзо излезе површноста. Го претовариле бродот со патници при што наместо максималните 50 имало над 70. А сето тоа се правело на неколку стотина метри од Охридската капетанија!? Во катастрофалните поплави предизвикани од силен пороен дожд кои во 2016 г. ги зафатија скопските населби Стајковци, Синѓелиќ, Смилковци… загинаа дури 22 лица. Потоа, се виде дека водениот бран добил разорна моќ бидејќи одводните канали на падините на Скопска Црна Гора не биле исчистени, биле затрупани, а немало и дрвја кои би го ублажиле ударот. Така беше и во 2015 г. кога водената стихија го поплави тетовското село Шипковица при што загинаа повеќе лица меѓу кои и три малолетни деца. Ни таму немаше потоа одговорност за бесправно исечените шуми.
На утврдување на одговорноста се чека и на една од најтешките несреќи која ни се случи кога во 2019 година кај селото Ласкарце во автобусот на „Дурмо – турс“ кој излетал од патот загинаа дури 16 патници. Подигнато е обвинение, се тврди дека автобус во неисправна состојба бил пуштен во сообраќај, дека не бил поправен систем за сопирање, дека поминал на технички преглед во станицата со која управувал токму сопственикот на автобусот…, а судењето никако да заврши. Сега на сето ова се надоврзува катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница и прашањата дали пластичните ѕидови биле огноотпорни, дали боците со кислород биле сигурни, зошто било дозволено роднини да бидат во болнички соби со заразените лица…
-Пожарот во тетовскиот Ковид центар е голема трагедија, но морам да кажам дека воопшто не изненадува. Најголем виновник е свеста на народот, а на чело со сите претходни властодршци. Допрва ќе се види целата негрижа на институциите и на целата популација во државата. Министерот за здравство е првиот на удар во моментов и неминовна е негова оставка, смета граѓанинот Милорад Донев.
Одговорноста никако да ги стаса виновниците
Заднината на сите овие, но и на други случаи покажува дека се работи за нефункционалност на државниот систем. Немало редовни контроли, немало правовремени санкции, немало редовно одржување… Дури и таму каде што државата требала самата да се погрижи за нормално функцонирање на своите служби – таа затаила. Впрочем властите довеле до тоа во Македонија да има само 241 противпожарно возило во просек стари по 28 години, да има само 183 амбулантни возила за итна помош, да три години не се сервисираат авионите за гаснење на пожари и да бидат неупотребливи. И што е најстрашно, во исто време се купуваат нови луксузни возила, се трошат државни пари за нов канцелариски мебел, нови партиски вработувања…
– Зад овие несреќи се крие аљкавост, некомпетентност, неодговорност, непостоење на хиеарархија на надлежности. Но, пред се, немање нормална одговорност и неказнивост. Причината за тоа е вработување на одговорни места на “свои” луѓе, членови на блиско семејство или партиски војници без никаква стручна подготовка за тоа место и никаква одговорност пред институциите. Надлежните служби ги казнуваат само граѓаните вон тој нивни круг, затворајки очи пред овие пропусти, револтиран е граѓанинот Кирил Штрков.
Слично мисли и Тони Конески:
–Од осамостувањето па до денес се е наопаку, регрес. Сето ова е дело на двете најголеми партии со нивните сателити, а друштво им прави голем дел од новинарската фела и тајкуните што сами ги создадоа, потенцира тој
Дали површни луѓе можат да ја решат површноста во Македонија? До кога ќе се толерира ова, стана прашање чиј одговор не трпи одложување. Затоа еднаш мора да почне да функционира конкретната одговорност на виновниците за бројните пропусти кои постојат и се опасни по околината. Само преку одговорноста и морална и кривична дефектите може да се поправат и граѓаните да почнат да се чувствуваат сигурни. Во спротивно, стравот и несигурноста ќе бидат се поголеми што води кон целосна недоверба на граѓааните во системот. Тоа ако трае долго доверува до целосен колапс. Зарем има некој кој тоа го посакува?
Старо буре кое протекнува и еден ден ќе пукне
-Човечките жртви, очигледно, се најевтини во наша земја. Ова што се случува моментално и во изминативе неколку години ќe го објаснам како едно труло дрвено буре кое е преполно со вода. Тоа веќе не може да го издржи тој притисок кој е во него и полека напукнува и тече. Ние народот се обидуваме да го санираме, но тоа се повеќе напукнува и тече и се отвараат нови пукнатини. Се плашам дека еден ден старото буре ќе пукне и ќе биде катастрофа. Сакам да напоменам дека водата во бурето е власта наша, зборам за моменталнава и предходната. Жалосно е што се се случува, одат човечки жртви, а тоа се се пренасочува во политички поени, смета граѓанинот Жарко Милевски.
Извор: skopskoeho.mk
Линк до објавата