Владата сака ли граѓаните да гледаат црн ТВ екран или да си имаат програми?

Колумна на Никола Тасев:

Многу фини работи и навики ни се скратија во корона кризата. Зарем сега ќе се дозволи да ни се скрати и гледањето ТВ канали? Кабелските оператори повторно најавуваат дека се приморани на прекин на реемитувањето на сите канали, освен на МТВ. Како реакција на најновите – избрзани Уредби со законска сила донесени од Владата, тие во недела планираат во знак на протест да направат едночасовен прекин на сите домашни и странски канали. Операторите имаат намера на граѓаните да им презентираат што ќе се случува на нивните ТВ екрани по 6 август, кога на сила треба да стапат новите ограничувања околу регистрацијата на каналите.

Несогласувањата меѓу операторите и националните ТВ канали (Канал 5, Телма, Сител, Алсат М и Алфа) траат подолго време. Лицето на спорот е обвинувањето на телевизиите, дека кабелските оператори преку странските канали што се дел од нивните понуди, ги кршат авторските права. Но, позадината е финансиска: телевизиските канали сами си замислиле дека операторите треба да им плаќаат по 1 евро месечно за рееметувањето. Ако се земе бројката на кабелски претплатници во Македонија, тоа се околу 6 милиони евра годишно.

И така, нивната желба и потреба ја наметнаа како спор и несогласувања помеѓу приватни, комерцијални субјекти, помеѓу две групации.

Прилично еднострано гледање на работите, но сепак да речеме дека е во ред кога две индустрии, како што во овој случај се кабелските оператори на една страна и телевизии на друга се борат, се ценкаат, се натегаат и уценуваат за постигнување на што подобар финансиски резултат за својот бизнис.

Во ред е и кога Владата би одиграла улога на олеснувач, за да се најде компромисно решение (иако нема обврска за тоа) за никој да нема штета од наметнатиот спор, а најмалку граѓаните.

Но, не е во ред кога Владата од старт ќе застане во сојузништво со една страна, онаа која и го направи и наметна спорот. Тогаш тоа не е медијаторство, туку правење пакт против другата страна, која инаку прилично го полни државниот буџет. А дека е пакт, доказ е фактот што додека трае вонредната состојба, власта си се заигра со уставно даденото право да носи Уредби со законска сила. Ултимативно им нареди на кабелските оператори до 6 август да ги пререгистрираат сите канали, по новите неприменливи законски одредби. На штета на едните, а во корист на другите. Буквално, е влезена во ровот на телевизиите и заедно подготвуваат стратегија и јуриш против кабелските оператори.

Мотивот на власта и без сателит или дрон се гледа: треба да им се угоди на телевизиите, за да се има нивната симпатија. Изборите ни доаѓаат! Важно е да се има што повеќе пријатели меѓу телевизиите, особено што, во неможност за големи митинзи, главното претставување на кандидатите и изборните програми ќе биде преку медиумите.

Операторите не се проектирани за војна, ама ете приморани се да се бранат. Оттука и револтот на кабелските оператори е оправдан: не им преостанува ништо друго, освен да пробаат да ја смират топката, но со конкретен чекор, кој ќе опоменува дека не се слаби противници. Се подготвуваат за едночасовен прекин на каналите и црн екран на ТВ приемниците. Така ќе покажат, што и следува на Македонија по 6 август, кога на сила стапуваат новите законски правила кои еднострано си ги направија од воинствениот пакт.

Убеден сум дека и кабелските оператори не го сакаат овој чекор, затоа што реемитувањето на ТВ канали е нивниот основен бизнис, но сега, притиснати до ѕид, мораат да се бранат. Во август и така, според сила на Законот ќе мора да исклучат се и да го затворат бизнисот.

Грешка на кабелџиите е што ова не го направија порано, туку само се задоволуваа со закани. Првата закана и беше сериозно сватена, понатаму беа смешни со заканите. На улицата каде што сум пораснат важеше едно правило: ако се закануваш дека ќе се тепаш, степај се…макар и да завршиш со модринки. Во спротивно ќе служиш за потсмев.

Каде е решението?

Уште неколку дена трае вонредната состојба, Владата мора да го напушти пактот и да стане вистински медијатор, деновиве да донесе Уредба со која сите законски измени поврзани со регистрацијата на странските канали се одлага за 1 јануари 2021 година. За да има време да се конституира новиот парламент, за да може да се донесе применливо законско решение и да се избегне дупката од неколку месеци каде што партиите ќе се занимаваат само со себе (нов парламент, нова влада, нови директори, нова поделба на колачот…) а најмалку ќе мислат на спорот меѓу телевизиите и кабелските опаратори. А уште помалку ќе мислат на граѓаните кои ќе гледаат црн екран.

Затоа што, ако не во недела, црниот екран ќе се појави на тв приемниците во август и ќе трае, ќе трае, ќе трае…