Home КОЛУМНИ Заев во автобусот на Ахмети

Заев во автобусот на Ахмети

0

Изборите завршија и некому отворија пат за движење напред, некого го оставија на слепа улица. Интересен беше Али Ахмети кога налета на рампа пред Тетово, па замина да слави во Кичево, каде рампите ги прескокнуваше со авиони полни гастербајтери. Каде да тргне Зоран Заев? Народот стави рампа пред неговиот штаб. Не може надвор да излезе, во Скопје е на слепа улица, исто и во Куманово, Карпош, Битола, Охрид… немаше каде да оди. Разбра дека е време да поднесе оставка!

Арно ама „градежникот“ Ахмети му прави нови патишта. Седи и чекај, му вели, јас ќе те пробијам на слободна територија, дал со автомобил, дал со автобус, дал со авион, не е важно – само ти не признавај дека си на слеп пат. За да е сигурен дека нема да „избрза“, на секои три часа преку своите министри му праќа порака на уплашениот Заев, кој веќе не може ни со мотор заедно со Филипче да се излуфтира низ Македонија – новиот пат е речиси готов!

На Заев ова како да му се бендиса па тргна по испробаниот рецепт, како во случајот со трагедијата во Тетово и оставката на министерот Филипче, да купува време „за истрагата да покаже кој е виновен” за поразот. Ќе биде ли и оваа оставка отфрлена со образложение дека кабелот во Државната изборна комисија е виновен за потопот што владеачката партија го доживеа на локалните избори? Се зависи од патот кој го прави Ахмети. Заев сега е седнат во неговиот автобус. Имајќи предвид со какви запаленковци и забегани пиарџии е опкружен Премиерот, не е за чудење и ако веќе вака го советуваат: Шефе, не се секирај, терај си ја работата, а за десетина дена ќе го обвиниме кабелот во ДИК дека е виновен?

Арно ама како да му се помогне на Заев што овие денови го доживува сопствениот пекол!

Прво, затоа што стана свесен дека популарноста од 2017 година од претходните локални избори му се истрошила.

Второ, верувам дека кај него имаше искреност кога убедуваше дека е патриот, а не предавник како што му беше забележувано по смената на името и подготвеноста да потпише било што со Бугарија. Тој веруваше во тоа. Исто како што веруваше и дека е почитуван политичар во Европа, успешен реформатор каков што Балканот се уште не видел, а Македонија е економски змеј во регионот, држава со раст на стандардот на граѓаните, со значајни инвестиции, со високи плати и пензии… Тој веруваше, ама поголемиот број од граѓаните – не! Затоа сега Заев го доживува својот пекол – сфати дека неговите верувања се црпеле од неговото лицемерно опкружување во Владата и во Партијата, но и од „тапшањето” по рамо на разно – разни дипломати.

Затоа Заев треба да излезе од возилото на Ахмети. Добро разбра дека сега е на слеп пат, се друго е привид. Оставка на премиер е нормална работа во демократски земји, а тој цело време повторуваше дека ја направил Македонија демократска. И додека тој се туфка кога да го напише писмото до Собранието, државните институции не смеат да застанат и да чекаат. Короната не чека! Новото влошување на ситуацијата ни чука на вратата.

А цените? Се грижи ли некој што тие секојдневно рипаат – се се поскапува. Инвестициите каде се? Треба ли да запрат активностите за нивно привлекување? Струја ќе имаме ли доволно и по која цена?

Сега патот на Заев е само еден – оставката од усна да ја претвори во писмена и рампите ќе му се отворат до Собранието.