Уфф… повторно Скопје е центарот на Европа! Од сите страни ни доаѓаат странски емисари, претседатели, министри, премиери – „пријатели” од Европската Унија… Сите нешто ја сакаат Македонија, сите слаткоречиво ни го најавуваат рајот, односно „датумот“.
Власта наша е среќна како никогаш досега. Премиерот сосе министрите се во филм – оптегнати на лежалки покрај „Бриселското“ море пијат коктели, во кои има и бугарски сируп, а евроамбасадори со палмини листови пафкаат за да ги ладат. За Маричиќ пак, и шведска маса е поставена… Крупни кадри во филмот има и како Пендаровски лежи и чита, размислува… се за наше добро.
Но, дали Македонците се радуваат? Прашањето не е кон вас драги читатели, туку кон овие нашиве, заслепени од филмот. Сите други во Македонија гледаат како реагираат граѓаните.
Никогаш не излегло на арно кога Скопје е центарот на Европа! Тоа историјата го покажала.
Што ни нудат емисарите: дека ќе ни даваат „датум“ со француски шмек. А што тоа ќе значи – дека всушност ЕУ и дава многу датуми на Бугарија, на кои ќе може да наредува на Скопје се што ќе посака.
Ете затоа за речиси сите Македонци, деновиве Скопје е центарот каде што доаѓаат за да протестираат. Доаѓаат емисарите и велат ДА, ама доаѓа и народот и вели НЕ.
Само Владата и Претседателот немаат сомнеж – тие се уверени дека францускиот предлог е прифатлив. Сега Ковачевски и Пендаровски ќе ги убедуваат и пратениците да немаат сомнеж – тие треба да го извадат жешкиот костен и да го потврдат она во што Владата верува дека предлогот од Франција е супер за Македонија. Така беше и пред некоја година, кога го сменија името – и тогаш кажаа дека идентитетот и јазикот биле бетон. Ама не било така. Им верува ли некој на нашите власти дека не не лажат повторно?
Кој е мотивот луѓе избрани и дебело платени од граѓаните за да управуваат, толку да си ја мразат државата и толку многу да го газат сопствениот народ и да не му го почитуваат мислењето? Пари ли се во прашање, уцени и ветувања ли, или едноставно отсуство на патриотско чувство и заслепеност од желбата да се остане во власта некој месец повеќе?
Што ако Владата го одбие ваквиот почеток на преговори? Ништо страшно – ќе има нови предлози, како што впрочем беше и досега! Нема да пропаднеме! Само малку ќе се притаеме, ќе се свртиме кон себе, ќе работиме на средување на државата и ќе создадеме систем отпорен на вета, уцени и лажни ветувања, но и на лицемерни политичари. Нема да кажеме збогум на ЕУ, но ќе причекаме таа да се демократизира и да се врати на сопствените темелни вредности, а ние ќе бидеме тука подготвени за тоа друштво.
Што ако Владата официјално го прифати францускиот предлог? Е тоа е страшно – наместо да се приближиме кон ЕУ, Македонија засекогаш ќе ја заборави. Условите од Бугарија за ништење на јазикот, историјата и идентитетот се толку силни (а нашиве ќе се потпишат дека за тоа ќе разговараат) што откако ќе влезат во официјалната преговарачка рамка ќе ни бидат „сидро“ кое за разлика од она на Заев нема да води напред туку ќе го држи македонскиот брод укотвен далеку од ЕУ.
Македонците, веќе две недели на протестите јасно и порачуваат на Европа и на Владата – НЕ за ваков почеток на преговори. Речиси 73 отсто од македонскиот народ се изјасни против францускиот предлог. Власта тоа не сака да го види – си тера по свое, си функционира со барикади и со силно полициско обезбедување пред институциите, со спуштени ролетни на прозорите во парламентот. Зарем не се свесни дека во тие 73 отсто има и нивни членови, нивни родители, сестри, браќа, пријатели… И тие (нивните) се против овој предлог?
Зарем СДСМ ќе прави мнозинство во парламентот против мнозинството Македонци? Повторно исто како и пред некоја година со Преспанскиот договор – кога народот беше прескокнат, иако јасно кажа на рефенрендумот што мисли
До толку ли е СДСМ во филм, што не ни знае како е во реалноста? Уште има време за на „Бихаќка 8“ да се сопре кинопроекторот. Филмот кој си го прикажуваат не завршува добро за Македонија. Не завршува добро ниту за нив, иако режисерите ги лажат дека ќе има кратење и преработка на тие сцени.