Во држава каде што многу работи се нерегуларни, зарем се очекуваше пописот да биде регуларен? Во држава, која ја водат недосозреани, пропагандисти, а некои дури и ебиветристи, многу работи се погрешни. Пописот е уште еден доказ дека во државата нешто мора итно да се менува. Штета што најголемата опозициска партија се уште е во зимски сон, опиена од изборната победа на локалните избори и задоволна што на рејтинзите „води убедливо”. Штета! Државата заглибува се подлабоко, а населението, како што покажа пописот, исчезнува.
Не треба да потсетувам во каква атмосфера се одржа пописот. Насила, избрзано во услови на корона пандемија, со одлагања и бојкоти, со многу политика и нестандарди статистички процедури. Иако, надлежните кои го спреведуваа пописот уверуваат дека можните нерегуларности се сведени на минимум, а велеа и дека има многу мал бојкот, сега се виде колку е саатот, па други за виновни ги посочуваат. Сепак голем дел од граѓаните укажуваат на злоупотреби и на рачно штимање на бројките, за да се задоволат партиски апетити.
А единствените задоволни од пописот се владејачките партии СДСМ и ДУИ. Разбирливо! За првите беше битно да покажат државотворност (па макар и на штета на Македонците) и способност за спроведување на оваа операција, а на вторите да покажат дека расте процентот на Албанците. Но ниту едните, ниту другите не најдоа потреба на македонските граѓани да им ја објаснат главната порака од пописот – населението драстично се намалува, Македонија исчезнува. Државата изгубила преку 150.000 граѓани, кои веќе не се наши соседи, не творат во нашите компании, нивните деца се раѓаат некаде во туѓина и учат на туѓ мајчин јазик. Ниту СДСМ, ниту ДУИ не најдоа потреба да излезат со анализа зошто македонскиот попис е всушност македонски отпис!? Што преземаа да не се случи ова? Што ќе преземат да се запре овој драматичен тренд на иселување и намалување на населението?
Всушност и не очекувам од нив тоа да го направат. Тие не се заинтересирани, ниту пак способни за тоа! Битно им е дека си ја завршија работата – пописот за нив е повеќе од успешен!
Но за Македонија е катастрофален! Речиси секоја општина со мнозинско македонско население изгубило 10-20% од жителите. Кој беше ефектот од бројните, само на хартија, мерки за запирање на иселувањето, програми за млади, помош за компании и субвенции за самовработување, со кои се фалеше СДСМ во изминативе пет години? Голема нула! Кој е и ефектот од владеењето на ДУИ во изминативе 20 години ако се погледнат и бројките на албанското население во Македонија? И тоа се намалува! Па нели ДУИ беше заштитник на Албанците, нели затоа се во власта! Зошто и Албанците од Македонија се иселуваат?
Но нејсе, еве пописот помина. Сега да видиме дали навистина богатите инвеститорите ќе дојдат со торби пари и конечно ќе ни тргне економијата. Нели тоа беше главната причина за брзањето, како што не убедуваше поранешниот премиер Заев: ивеститорите сакале да видат во која општина колку луѓе живеат за да донесат одлука за инвестирање. Еве сега ги имаме бројките, па бујрум Гугл, Фејсбук, Амазон и останати компании, Македонија ве чека.
А ги чекавме и кога не убедуваа дека кога ќе се смени името и ќе влеземе во НАТО – веднаш ќе дојдат. Ама не дојдоа. Или имаа погрешна мапа, па наместо кај нас завршија во Бугарија, Албанија и Србија.