Home КОЛУМНИ Може ли од дупка да се отвори нов Клинички како пупка?

Може ли од дупка да се отвори нов Клинички како пупка?

0
Може ли од дупка да се отвори нов Клинички како пупка?
Нема празник на кој политичките лидери не повикуваат на заедништво. Демек морало да се постигне висока соработка меѓу власта и опозицијата заради доброто на граѓаните. Но, веднаш потоа си тераат по старо, раскарани, поделени, си подметнуваат едни на други, а страдаат токму граѓаните, за кои велат дека им се најважни.

Соработуваат само кога се работи за нивни конкретни партиски интереси за пари или за амнестирање на нивни функционери и донатори. Ами оти не е така кога треба да се изгласаат закони за кои се заинтересирани сите граѓани, кои се за доброто на сите, за цела Македонија, за да се заштити природата, да се изгради нешто… Ех оти!

Чудни однесувања! Беа соработливи и обединети кога експресно го изгласаа Законот за легализација на дивоградбите, а претходно и за да си добијат државни пари на партиските сметки, ама не се исто ефикасни, на пример, и со проектот за нов Клинички центар.

Секој кој бил во сегашниот расклатен Клинички центар знае колку е важно да се изгради нов. Скопје и цела Македонија на него чекаат со години. Нов модерен и функционален Клинички центар уште во 2011 година најави тогашниот премиер Груевски. Тој објасни дека ќе се гради десет години. Ако беше така, деновиве веќе во него ќе се примаа првите пациенти. Но освен една дупка, ископана во 2014 година, близу Клиниката за Гинекологија, која треба да глуми темел, од нов Клинички центар не видовме ништо друго. А потоа со најавите продолжи и СДСМ. Премиерот Заев и во 2017 и во 2020 ја ветуваше изградбата.

Но сдсмовците се трткаа околу дупката на Груевски, па размислуваа на друго место дупка да копаат, па потоа на друго и така… Резултатот од овие десетгодишни ветувања се дека остана истата дупка – темел од пред седум години и многуте ветувања, промена на планови и локации и препукување по медиумите. Зарем очекуваат новиот Клинички центар да се изгради сам од себе со ветувања и соопштенија? Или може очекуваат дека ако играат околу дупката сам да израсне новиот Центар, небаре е дрво?

Многу несериозно, за сериозна тема и потреба. За ова разговараа и лидерите на двете најголеми партии пред еден месец, велеа дека бараат решение. Ама наскоро СДСМ обвини дека опозиционерите го прекршиле ветувањето оти ќе се откажат од блокадите. А од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на средбата било договорено поинаку и дека Мицкоски на Заев му дал конструктивно предлог решение кое значи комплетно реновирање на постојниот Клинички центар и изградба на нов Ургентен центар.

Зошто во СДСМ не сакаат воопшто да го разгледаат овој предлог? Дали во прашање е суетата или можеби и желба да се добие можност во вака голем проект – изградба на комплетно нов Центар на друга локација, да се „брцне” во медот, добиен од многубројните тендери и договори во четири очи?

Веќе не се знае дали посериозни пациенти се тие кои до сега требаше да го направат Клиничкиот или пак граѓаните и здравствените работници кои се испоразболеа чекајќи го новиот објект.

Дали има надеж дека набргу ќе се почне со градбата? Неизвесно е! Овие што сега ја водат Македонија се специјализираа пред се за дупки.​